Контактот меѓу Берлин и Вашингтон повторно е толку добар, колку што и треба да биде
4 мај 2006Односот на американскиот претседател Џорџ Буш спрема Ангела Меркел упадливо се разликува од третманот на нејзиниот претходник Герхард Шредер. По првата средба Буш ја пофали Меркел како шармантна, интелигентна и слободарски настроена; овој пат и’ оддаде признание означувајќи ја како јасен мислител кој директно ги кажува работите. Госпоѓа Меркел од своја страна зборуваше за пријателски односи. Ваквите тонови пријатно се разликуваат од раздорот што во долг период на канцеларувањето на Шредер им даваше белег на германско-американските односи.
Грижливиот однос, меѓутоа, не се должи само на личните симпатии, туку произлегува од сознанието дека Германија, како најважна земја во Европа, им е исто толку потребна на САД, колку и САД на Германија, како и од околноста дека велесилата во Ирак е дотерана до границите на можностите. За решение по мирен пат во однос на иранската атомска програма Германија е потребна исто како и Индија, Кина и Русија. Војна на некоја „коалиција на согласните“ овој пат не е опција. Оттука на Меркел и’ е полесно да полага врз дипломатската мелница за решение на конфликтот, иако таа бавно меле. Геостратегиски на Германија најмалку подеднакво како и на САД мора да и’ е битен Иран без атомско оружје.
За американскиот претседател Меркел е уште поинтересна бидејќи таа продолжи да го негува добриот контакт на својата земја со Русија. Германија има средишна, но не и посредничка улога. Канцеларот во Вашингтон најави дека на претстојниот самит ЕУ-Латинска Америка има намера да се заложи за успешен крај на преговорите околу светската трговија. Тоа исто така е во интерес и на Америка, уште повеќе што претседателот Буш од познати причини не ужива некој посебен углед кај редица владеачки леви популисти на јужната половина на американскиот континент.
Настапот на Ангела Меркел во Вашингтон, при сето пријателство и учтивост, во никој случај не беше додворувачки, туку сосем самоуверен. На надворешно-политички план Германија не потреба да се скрива. Нејзиниот збор има тежина, а сега и во Белата куќа има конјунктура традицијата споровите да се решаваат во рамките на мултилатералните организации. Притоа само може да биде од полза дека, судејќи според се’, Ангела Меркел ужива и лична доверба на претседателот Џорџ Буш – тоа веќе сега благопријатно дејствува врз германско-американските односи.
Тоа, пак, што госпоѓа Меркел, заедно со Буш и со генералниот секретар на ОН Кофи Анан, ќе говори на прославата на 100-годишнината на најголемата еврејска организација во САД, покажува дека на Германија на светската сцена и се признава оти е дорасната на својата историска одговорност.