Кире Лазаров: Македонија ја победи Грција потешко од очекуваното
8 јуни 2014Капитенот на македонската ракометна репрезентација Кирил Лазаров на вечерашниот (7.05) натпревар против Грција беше најефикасен со седум постигнати голови. Тој смета дека победата е постигната со слаба игра.
„Потешко од очекувано стигнавме до победа. Сепак и во вака слабо одигран натпревар остваривме предност. Тоа е најважно во овој момент. Можеби ја навикнавме публиката и навивачите на добри натпревари, но најважно е што победивме“, истакна Лазаров и додаде дека е потребен е поразличен пристап од сите доколку се сакаат поголеми резултати и успеси со посилните противници.
До триумф во Атина, Македонија дојде и поради 17-те успешни интервенции на голманот Борко Ристовски. Меѓу стрелците, покрај Кире Лазаров, најефикасен беше и Дејан Манасков со шест голови. Филип Миркуловски постигна три, по два гола дадоа Гоце Георгиевски, Ванчо Димовски и Филип Лазаров, а по еден гол постигнаа Немања Прибак, Гоце Ојлески и Ренато Вугринец кој го имаше своето деби за Македонија.
До победата избраниците на селекторот Ивица Обрван дојдоа во финишот на натпреварот кога во последните пет минути постигнаа три, а не примија ниту еден гол и со тоа водството на домаќините од 25:24 го претворија во наша победа.
Реванш дуелот oд баражот за СП 2015се игра на 15 јуни во салата „Борис Трајковски“ во Скопје.
Резултатите на другите досега завршени први бараж дуели за СП 2015 се: Русија–Литванија 30:22, Полска–Германија 25:24 и Романија–Шведска 24:25.