Качински во Берлин
12 октомври 2007Предлогот за берлинската средба дошол од полскиот претседател лично. Лех Качински на претстојниот самит во Лисабон очигледно сака да спречи ново одмерување на силите на неговата земја и ЕУ. Истовремено, меѓутоа, неговиот брат близнак и шеф на полската влада, Јарослав Качински, бара подобрување на реформскиот договор, во кој Полска настојува да си обезбеди право да става блокада на решенија што ги донесува унијата: ”Сакаме формулата од Јанина да стане важечка и да биде внесена во протоколот. Тоа ќе ни‘ биде доволно. Порано секогаш ни‘ се велеше дека дека Јанина е неважно прашање. Меѓутоа, сега се покажува колку би биле важни промените на реформскиот договор. Тоа е во полски интерес и конечно во интерес на Европа. Без гаранција дека формулата од Јанина ќе биде важечка нема да го потпишеме реформскиот договор.”
Пред неколку месеци бриселскиот самит на ЕУ и со тоа новиот реформски договор на ЕУ речиси ќе пропаднеа поради спротивставувањето на Полска. Дури држави на ЕУ, како Франција и Германија, наспроти тоа, не прифаќаат можност за проширено право на вето.
На разговорите Качински-Меркел ќе стане збор и за функцијата на главен обвинител во Ервопскиот кривичен суд. Варшава атакува на оваа позиција и не сака таа функција да стане предмет на политичко пазарење при дискусијата за реформскиот договор. Полскиот претседател, Лех Качински, за време на неговата берлинска мисија, меѓутоа има уште една цел – во изборната борба во Полска опозицијата му стои зад петите. Опозицијата тврди дека близнаците Качински со нивниот начин на раководење ќе ја изолираат Полска од Европа. Токму затоа, полскиот претседател мора да успее во Берлин и на лисабонскиот самит на ЕУ, заклучува шефот на Институтот за меѓународни односи во Варшава, Еугениус Смолар:
”Ќе биде постигнат компромис за реформскиот договор на ЕУ и тоа во моментов е најважното за Европа. Во Париз постоеше согласност и тоа ќе се случи и во Берлин.”