Како Ленин стана жртва на Ковид-19
22 април 2020На Марксистичко-ленинистичката партија на Германија (МЛПД) и' појде од рака она што дури и во Русија, правната наследничка наСоветскиот Сојуз, делува незамисливо: Статуа на Ленин наскоро ќе биде поставена во градот Гелзенкирхен. Во негогашна Германска Демократска Република, која престана да постои пред 30 години, постоеја голем број помали или поголеми, бронзени или мермерни скулптури на работничкиот лидер. Но, во западна, капиталистичка Сојузна Република Германија никогаш не е виден споменик на Владимир Илич Улјанов, попознат како Ленин.Ова неверојатно случување требаше да се одржи во средината на март, по повод 150 годишнината на неговото раѓање, која е на денешен ден, 22 април. На прославата во чест на „најголемиот од сите болшевици“, симпатизерите на Ленин требаше на западот на Германија да пристигнат од различини краеви, со црвени знамиња и со транспаренти. Сосема во духот на комунизмот кој некогаш кружеше во Европа и во светот.
И Маркс има свој споменик на Запад
Творецот на оваа идеологија, Карл Маркс, е роден во Трир, на околку 250 километри од Гелезнкирхен. Во Трир пред две години е поставена бронзена статуа на Карл Маркс. Таа е подарок од Народна Република Кина за 200- годишнината од неговото раѓање. На тој начин му беше оддадена почит на еден од авторите на „Комунистичкиот манифест“. Граѓаните на Трир во тоа време воздивнувајќи коментираа дека би било и грубо и непристојо да се одбие еден таков подарок. И нерадо дозволија да дојде до тоа. Но, каква врска има Ленин со Гелзенкирхен?
Седиштето на МЛПД се наоѓа во овој среден по големина германски индустриски град. Градските власти, исто така, во почетокот се противеа да се постави двометарскиот споменик на Владимир Илич на нивна територија. Наводна причина за загриженост беше тоа што споменикот ќе го покрие погледот на градбите кои се историско наследство, но веројатно повеќе поради тоа што Ленин, сметаат тие, никако не е историска фигура. Меѓутоа, судот донесе одлука во полза на Владимир Илич - и на МЛПД и' се дозволи да го постави споменикот.
Германците и Ленин- тоа е компликувана историја. Во 1917 година Ленин од Швајцарија, преку Германија, патувал во затворен железнички вагон и тоа по налог на владата на германското царство. Ленин тогаш во Русија требало да започне револуција - и тоа одржлива. Тоа тој и го сторил. Сега, 103 години подоцна, Илич е повторно затворен - сега во еден подрум во Гелзенкирхен, каде го чека својот момент. Така МЛДП ќе треба да почека да се ослободи Ленин.
МЛПД - малку членови, но многу пари
МЛДП е најмалата политичка партија во политичкиот живот во Германија, практично без влијание, на неодамнешните избори за Бундестагот освои само 0,1 отсто гласови. Во некои градски собранија има по неколку члена на МЛДП. Но, затоа партијата има зачудувачки многу пари - веројатно од донации. Освен тоа, таа е под надзор на Службата за заштита на уставниот поредок, бидејќи нејзината програма е ленинистичка и маоистичка, па затоа се смета за екстремистичка организација.
На сојузните избори во 2017 година вкупно 35.760 Германци го дадоа својот глас за МЛПД, партија која во своето име го има и името на Ленин - а кого Лион Фојхтвангер еднаш го нарече „Исус Христос на руската револуција“. Фојхтвангер, германски поет и пријател на Сталин, во 1936 година го посетил мавзолејот на Црвениот плоштад во Москва во кој се наоѓа трајно заледено балзамираното тело на Ленин. Но, како што е познато, Исус се качи на небото, што за Ленин очигледно остана ускратено.
Дали Ленин е воопшто мртов?
Според непишан закон кој важи и во Германија, споменици можат да се подигнат само на мртвите. Оттаму произлегува прашањето: дали Ленин е воопшто мртов, бидејќи не е закопан? Колку е жива неговата убиствена политичка филозофија, која само оптимистите ја сметаа за мртва кога неговата држава, Советскиот Сојуз, се сруши? Кој на ова прашање бара одговори, наскоро секако ќе мора да отиде во Гелзенкирхен.
Бидејќи кога вирусот ќе протатне и патувањата повторно ќе бидат возможни, ќе чукне часот за ленинистите. Дотогаш, рускиот револуционерен водач може да се смета за жртва на коронавирусот. Вирусот и онака потекнува од Кина- онаа растечка сила чии подароци не се одбиваат и која исто така се повикува на Маркс и Мао и Ленин. Тоа значи дека во иднина туристите кои ги интересира политиката мора да се запрашаат: Трир или Гелзенкирхен? Нема врска- важно е да е бронза!