Какви се европските перспективи на Црна Гора?
15 септември 2006На плажата Вериге во Которскиот залив нема беспрекорен ситен песок, ниту пак палми. Сепак таа е како од сон, бидејќи стрмите карпи се среќаваат со зеленикавите води на Јадранското море како ретко каде во светот. Не е чудо што оваа природна убавина го привлече Германецот Дитер Венцел, кој ја зеде под наем и ја дотера оваа плажа:
„Плажата овде е всушност само парче земја, кое порано дури се користело како депонија за смет. Но, ние тоа го расчистивме, кренавме убави ѕидови, донесовме нов ситен чакал и сега имаме прекрасна плажа!„
Владата на Црна Гора одгледува големи надежи во вакви инвестиции. Туризмот треба да донесе нови инвестиции во земјата, а и нови работни места. При тоа убавината на природата не смее да биде уништена од масовен туризам. Публиката што заливот на Котор барем си ја посакува е од поинаков вид.
„Целта е всушност овде да превладее туризмот од висока класа. Тука се гледаат веќе и хотели со четири до пет ѕвездички, а има и еден од уште повисока класа. Тоа се огледа и во јахтите кои секојдневно минуваат покрај нашата плажа, најголемата до сега беше од 45 метри. Тоа се нашите идни гости„ – со голем елан раскажува Германецот Дитер Венцел.
30-тина километри на југ во Беќиќи пристапот кон туризмот е поинаков. Покрај долгата песочна плажа од цели два километра последиве години никнуваа еден хотел покрај друг. Но, и покрај тоа гостите имаат чувство на посебна атомсфера, а не на масовен туризам како во Шпанија на пример:
„Овде сме втора година по ред, а претходно речиси 12 години одевме постојано во Бугарија. Таму за жал состојбата се измени на лошо. Плажите а и другите туристички објекти станаа повеќе од типот на балерман туризмот, каде гостите доаѓаат да се опијанат... тоа е повеќе за млади луѓе, а такви како нас, на кои им треба повеќе одмор, таму во Бугарија веќе не е толку убаво„ – објаснува еден турист од Германија. При тоа мора да се смета со сите предрасуди што владеат за Црна Гора:
„Многумина воопшто не ја познаваат Црна Гора. Тие ме прашуваат загрижени, каде е таа Црна Гора. И кога ќе им кажам, па тоа е поранешна Југославија, некои од нив ме прашуваат дали овде не владее уште војна. Луѓето имаат сосема погрешни претстави...„
При тоа мора да се каже дека Црна Гора навистина долго страдаше од војната и санкциите. Разликата во однос на старите добри времиња е огромна, раскажува Вукаѓин Ќулафиќ, во 80-тите години раководител на југословенското туристичко претставништво во Германија:
„Ако си замислите дека секоја недела од Западна Германија за Тиват имавме по 40 авиона, а потоа 12 години не слета ниту еден од странство воопшто. Ако затворите некој хотел само три месеца, тоа е веќе тотална финансиска катастрофа. Во овие тешки години имавме нешто малку домашен туризам, што беше ограничен на два три месеца во годината, а останатото време немаше ништо.„
Во меѓувреме ситуацијата значително се подобрува, што го покажуваат и бројките:
„Токму бројките за 2006-та покажуваат скок во обемот на странскиот туризам и овде исто така се јавуваат и големи инвестиции, како во рамките на приватизацијата, така и во градењето нови хотели„ – објаснува Германецот Рајнер Фројнд, кој е претставник на Европската агенција за обнова и развој во Подгорица. Оваа агенција е задолжена да го поддржува и поттикнува развојот на туризмот во Црна Гора, за што има на располагање и соодветни финансиски средства од европските каси.