EU-Bürger Urlaub
21 август 2011Омилена туристичка цел на Европејците е самата Европа. Половината од жителите на ЕУ повеќе сакаат да се одмараат во сопствената земја, отколку во странство. Од извештајот на ЕК за летните одмори произлегува и дека во Германија секој трет жител одморот го поминува во земјата. Истовремено, дестинациите надвор од ЕУ стануваат се` поомилени. Секој втор Словенец, на пример, ќе го помине најубавото време од годината во земја надвор од Унијата.
Италија како топ-дестинација
Истражувањето исто така покажува дека за Германците омилена туристичка дестинација останува Германија. Речиси 35 проценти од испитаниците планираат годишниот одмор летово да го поминат во татковината. Потоа следуваат Италија и Шпанија на второто и третото место најомилени земји за одмор на Германците. Италија е најчесто споменуваната дестинација и за останатите европски жители (11,5 проценти). Потоа доаѓа Шпанија, а по неа Франција.
Од извештајот на ЕК се заклучува и дека шесте нации кои најчесто патуваат се Финците, Данците, Холанѓаните, Швеѓаните, Французите и жителите на Луксембург. При изборот на туристичките дестинации, за Европeјците најважна е атркативноста, а потоа и културното наследство на земјата што ја посетуваат. Меѓу останатите фактори битни се и „мирот и релаксирањето“ како и „сонце и плажа.“
Конзуларна заштита за сите жители на ЕУ
Секоја година жителите на европското семејство патуваат деведесет милиони пати надвор од Унијата, додека триесет милиони жители на ЕУ живеат надвор од Европа. Затоа Европската комисија постави нови стандарди, со кои се гарантираат правата на европските жители. Се мисли притоа на сите Европејци, кои патуваат или живеат надвор од ЕУ, особено доколку нивната матична држава нема дипломатско претставништво во земјата во која престојуваат. Сите 27 земји-членки имаат амбасади само во САД, Кина и во Русија. Во сите останати земји од странство, жителите на ЕУ можат да им се обратат на амбасадите на другите земји-членки на Унијата. Според Договорот на ЕУ, сите жители на Унијата добиваат помош во амбасадите или конзуларните претставништва на останатите држави и тоа под истите услови како да се нивни државјани.
Типични ситуации во кои европските граѓани бараат конзуларна заштита се кражба или губење на пасош; тешка несреќа или болест; извршен прекршок, апсење или затвор; итна помош или враќање во татковината во случај на природни катастрофи, граѓански немири или вооружени конфликти, како и при смртен случај во странство. Тоа важи за сите земји надвор од ЕУ.
Автор: Викторија Иванова/ Трајче Тосев
Редактор: Александра Трајковска