Израелските дипломати штрајкуваат
24 март 2014Израелското Министерство за надворешни работи и 103 амбасади на Израел во светот почнаа денеска генерален штрајк во знак на протест против одбивањето да им бидат зголемени платите и да добијат подобри услови за работа.
Првпат во историјата на Израел сите службеници на Министерството и сите израелски дипломати во светот ја прекинуваат работата. Досега имало само делумни запирања на работата на дипломатите.
Штрајкот може да се одрази и на подготовките на посетите на високи гости од странство, вклучувајќи ја и посетата на папата Франциско превидена за мај. Шефот на дипломатијата Авигдор Либерман (на насловната фотографија) го нарече штрајкот „тажно решение“, кое покажува дека синдикалните лидери го изгубиле разумот.
Тој додаде дека се вложуваат напори да се постигне праведно решение на работниот спор и вети дека ќе дејствува така за да ги намали штетите.
Штрајкот е почнат без да биде одреден рокот кога ќе заврши. За време на неговото траење никој не се занимава со барањата за издавање визи и за организацијата на официјалните посети во земјата и во странство. Како последица, може да биде доведена во прашање и претстојната посета на папата Франциско на Израел.