„Израел и Палестинците мора да напредуваат заедно“
1 декември 2010Визе: Почитуван Претседателе, имајќи го предвид пријателскиот, доверлив однос меѓу Германија и Израел, како што самиот го нарекувате, сигурно не е само Ваше право, туку и должност, да го критикувате пријателот доколу оцените дека направил извесна политичка грешка. Вие токму тоа го сторивте во однос на израелската политика на населување и блокадата на појасот Газа. Каде лежи проблемот според Вас?
Вулф: Двете страни мора да бидат подготвени на компромис во се` почестите конфликтни ситуации; мора да покажат почит и да соработуваат, пред се` при решавањето на прашањето за палестинските области, трговските ограничувања во увозот и извозот, како и во политиката на населување. Меѓународната заедница е согласна дека треба да одигра конструктивна улога и токму затоа, во разговорите со политичките челници, а потоа и во јавноста ги искажав очекувањата кои ги имаме од Израел и Палестинците, а укажав и на нештата за кои двете страни треба да ги доближат своите ставови.
Визе: Израелскиот премиер Нетанјаху и` додели на Германија клучна улога во мировниот процес на Блискиот Исток. Дали Германија треба да ја прифати таа улога и што се` би се очекувало од неа?
Вулф: Билатералните односи на Германија и Израел се на високо ниво кога станува збор за заеднички економски проекти, научна соработка или, пак, размена во области од културата. Израел е мошне креативна земја во динамичен пораст, со успешна економија и иновативна политика. Германија, секако, има голем удел во таа приказна. Веќе со децении учествувавме во изградбата на училишта и образовни институции; моментално работиме на формирање полициски станици преку обучување полициски кадар во палестинските области. Сето ова и` дава голема важност на Германија, но ги избегнувам називите „улога на посредник“ или „клучна функција“, бидејќи моменталната ситуација е прилично комплицирана. Би рекол дека таква улога повеќе може да им се припише на Европската унија и на Соединетите Американски Држави.
Автор: Ханс-Јоахим Визе / Далибор Стајиќ
Редактор: Александра Трајковска