Иднината на државната заедница Србија и Црна Гора, но и на целиот регион, повторно зависи од ставот на ЕУ
3 март 2005Уште пред две години никој не се сомневаше дека државната заедница Србија и Црна Гора ќе биде само провизориум, меѓурешение кое не го спречува, туку само го одлага последниот чекор во распаѓањето на некогашна Југославија. Мило Ѓукановиќ, поранешен претседател и сегашен црногорски премиер, пред подолго време започна систематски да урива еден по друг мост меѓу Подгорица и Белград: прво германската марка, а потоа еврото тој ги направи единствено платежно средство во своето царство, спротивно на волјата на ЕУ. Потоа следеа контроли на границата кон Србија, а сега Ѓукановиќ успешно ги спречува изборите за сојузниот парламент.
ЕУ во 2003-та година со многу мака ги наговори Подгорица и Белград на компромисната формула „државна заедница“. Ѓукановиќ искажа подготвеност да се стрпи со планираниот референдум за независност до 2006-та година – една игра на време. Во Брисел никој немаше интерес од натамошно расцепкување на регионот. Зашто, ако Црна гора целосно се одвоеше од Србија, јасно беше дека никој веќе не ќе може да ја спречи независноста на косовските Албанци. Првобитната догма, дека косоварите прво мора да исполнат демократски стандарди пред да се најде на дневен ред прашањето за статусот, ионака беше омекната – сега истовремено ќе се преговара за обете работи. Но, ако се распадне Србија и Црна Гора, темата стандарди сосем ќе биде потисната во заднина.
Јасно е исто така дека билансот по две години на државната заедница е катастрофален и играњето на картата време не донесе ништо. Шефот на државата Светозар Маровиќ и министерот за надворешни работи Вук Драшковиќ се во голема мера осамени. Тие немаат поддршка од Црна Гора бидејќи Ѓукановиќ ја отфрла државната заедница и сака независност. Гестот на Маровиќ, кој се извини за злосторствата во Хрватска и Босна, беше примен со исто толкава рамнодушност, колку и тврдењата на Драшковиќ за желба за кооперација со судот во Ден Хаг. Зашто, во чие име зборуваат тие?
Тврдоглавоста на Коштуница во дијалогот со ЕУ му е добредојдена на Ѓукановиќ: тој самиот покажува благонаклонетост кон ЕУ и во ист здив нагласува дека не би требало да и’ биде спречен патот на Црна Гора во ЕУ поради ставот на Коштуница.
ЕУ мора да се реши меѓу две опции: да опстои врз досегашната линија со перспектива за пристап на Србија и на Црна Гора само како заедница, што повторно би било само играње врз факторот време – не може да се спречи Ѓукановиќ и натаму да создава готови факти и без обѕир на загубите да чекори на патот кон независност. Втората опција е ЕУ поофанзивно да му пријде на прашањето и да ја стави под притисок српската влада со закана дека ќе ги признае обете како суверени држави. Брисел мора многу брз да се реши за една од опциите.
Клаус Даман