И Грците некогаш простуваа долгови
27 септември 2011Во Лондон во 1953. година Германија преговараше со 22 држави. Германската делегација бараше од овие земји да и’ бидат простени долговите. Германија во тоа време беше премногу притисната од обврските според Маршаловиот план и репарациите од Првата светска војна. Молбата на Германија беше исполнета. Сите 22 земји, меѓу нив и Грција и’ простија половина од долгот.
За младата Сојузна Република Германија тоа беше од голема помош, на само неколку години по завршувањето на Втората светска војна, вели Јирген Кајзер, координатор на должничката иницијатива „Ерласјар“ (јубилеј).
„Германија потоа имаше далеку помал долг од оној, кој денеска мораат да го плаќаат земјите во развој и Грција. Така да не може да се каже дека без простувањето на долгот не ќе беше можно стопанското чудо, но без тоа, таквото стопанско чудо ќе се случеше многу подоцна“, вели Кајзер.
Германското стопанско чудо
Германската економија по 1953. година силно се разви. Десет години подоцна општествениот бруто производ на земјата се удвои. Германија никогаш повеќе немаше таков стопански пораст како во годините по потпишувањето на Лондонскиот договор. Овој договор може и денес да биде пример за тоа како да се постапува со презадолжените земји, смета Кајзер.
„Слично како и во годините на светската криза во 80-тите и 90-тите години, многу земји со таков план би минале подобро одошто со бавните и често неделотворни механизми за намалување на долговите, кои ги наметнуваат Светската банка и ММФ“.
Висината на грчкиот долг денес изнесува околу 150 проценти од брутодомашниот производ, што далеку го надминува долгот и на некои земји од третиот свет.
За споредба, Германија пред Лондонскиот договор имала долг од околу 21 отсто од БДП, значи речиси една седмина од она што денес го должи Грција. По целосната имплементација на договорот во 1958 година, Германија го намали долгот на само 6 проценти од БДП. За такво нешто, земји како Грција, Португалија или Ирска можат само да сонуваат. Дури и денешна Германија со долг од 80 проценти од БДП е далеку од тие бројки.
Простување на долговите - единствен излез
Затоа, Кајзер смета дека за излез на Грција од кризата е неопходно да и’ се простат долговите.
„Натамошното финансирање на кризата нема смисла. Одлучувачкото прашање е што ќе се случува потоа. Нема смисла ниту да се расправа за исфрлање на Грција од еврозоната. Тоа од правен аспект не е можно, а од економски е чиста глупост. Грција, како некогаш и Германија, треба да добие контролирано и уредно простување на долгот. Она што се нарекува стечајна постапка“, смета Кајзер.
Тој ја критикува германската влада што не се залага за оваа опција. Апелот на неговата организација гласи: „Порано Грците на Германија и’ простија дел од долгот и го овозможија создавањето на германското економско чудо. Денес Грција е презадолжена и би можела, доколку Германија и останатите земји во еврозоната и го простат долгот, да добие свеж воздух и шанса повторно да почне да остварува стопански пораст.“
Автор: Јоханес Бек / Борис Георгиевски
Редактор: Горан Чутаноски