Зошто се влечка приватизацијата во Грција?
29 јуни 2014Водоснабдувањето на Солун одамна требаше да биде во приватни раце. Од 2010 година јавното претпријатие ЕЈАТ (насловна фотографија) официјално е на продажба. Проценето е на околу 80 милиони евра. Меѓутоа досега не се случи ништо. Во раководството во тоа не гледаат ништо проблематично.
„Се обидуваме да го сториме најдоброто, ама мора да разберете дека една долгорочна стратегија не може да се запре одеднаш, како со рачна кочница, и приватизацијата да биде веднаш спроведена, од денеска за утре. Дотогаш ние ќе го водиме претпријатието на најдобар начин“ , вели Никос Пападакис, претседател на управниот одбор на ЕЈАТ.
Во Солун и во цела Грција продажбата на државните претпријатија повеќе речиси и не е тема. Така е и со продажбата на пристаништето во Солун, најавена неодамна. Се стекнува впечаток како Грците и да не сакаат да ја спроведат приватизацијата. Фатален развој, сметаат експертите.
„Мораме да ги продадеме нашите претпријатија оти инаку не можеме да ги отплатиме долговите. Даночните приходи не се доволни за тоа. Се разбира, можеме да се надеваме на подем на стопанството, со што би се решил проблемот, но тој е слаб, ако воопшто дојде до подем“, вели Димитрис Мардас, економски експерт од Универзитетот Аристотел од Солун.
Од владата во Атина се вели дека кризата ги одвраќала купувачите и ги спуштала цените и затоа приватизациите се одложуваат. Но, тоа е само дел од вистината.
„Определени политичари веруваат дека можат да ги турнат настрана стравовите во врска со приватизацијата, едноставно да сочекаат и на крајот претпријатието да го задржат во државна сопственост.“
Политиката избегнува конфронтација со вработените. Тие се синдикално добро организирани и и натаму решително ги отфрлаат продажбите.
„При првите обиди за продажба пред неколку години успешно штрајкувавме три дена. Подоцна најдовме силни сојузници во советот на градот, во политиката, и сега можеме да се потпреме врз натпартиски сојуз, кој се нарекува „Спасете ја водата“. Тој не поддржува во борбата против предавање на водоводот на приватни фирми“, истакнува Јоргос Архонтопулос, претседател на синдикатот на вработените во ЕЈАТ
Јавните претпријатија нудат сигурни работни места, кои станаа реткост во Грција. Тие нудат и вносни раководни позиции за политичарите. Грците очигледно сакаат да ги задржат обете.