Зошто „Ал Џазира“ доаѓа на Балканот?
21 септември 2010Според експертите, доаѓањето на „Ал Џазира“ на Балканот, позитивно ќе влијае на регионалната медиумска слика, но за многумина мотивите на телевизиските мрежа се се` уште нејасни, со оглед на лошата состојба на балканскиот медиумски пазар:
„Тоа што еден таков светски медиум фрлил око на регионот ги плаши луѓето да не станува збор за најава на нова - да не речам - војна, туку за некакви политички превирања“, истакнува Боро Контиќ, директор на „Медиа центар Сараево“ и додава дека големата телевизиска мрежа едноставно сака и натаму да се шири.
Од друга страна, генералниот секретар на Здружението на новинарите на Босна и Херцеговина, Борка Рудиќ, вели дека одлуката на „Ал Џазира“ е интересна сама по себе, бидејќи Босна и Херцеговина нема силен медиумски пазар, па количеството пари кое циркулира во него веројатно не е мотив за отворањето регионален канал на мрежата:
„Според најавите, ’Ал Џaзира’ би требало да емитува вести за целиот регион, што секако силно ќе влијае врз медиумската слика на Балканот, бидејќи се работи за мрежа која добро стои финансиски и е насочена кон квалитетно информирање, но се сомневам дека куќата ќе најде доволно стручен кадар на нашите простори, кој професионално ќе одговори на таквите интереси“, вели Рудиќ.
Сериозна конкуренција за домашните медиуми
Со емитувањето вести на јазиците на народите од поранешна Југославија, „Ал Џaзира“ би била сериозен конкурент за регионалните тв-куќи, но уредникот на информативната програма на Босанско-херцеговската радио-телевизија, Дамир Симиќ, вели дека „човек не треба да се предава уште пред почетокот на битката“ иако е свесен дека се работи за медиум со многу пари:
„’Ал Џaзира’ е финансиски добро поткована, може да купи квалитетен кадар, да продуцира добра програма и на тој начин да стане најсериозна конкуренција за големите телеизии на овие простори“.
Борка Рудиќ не е убедена дека телевизиите, вклучувајќи ја и „Ал Џaзира“, ќе останат имуни на политички влијанија, но верува дека мрежата ќе има голема улога во формирањето на јавното мислење во Босна и Херцеговина:
„Телевизиите нема да останат имуни на политички влијанија, но ’Ал Џaзира’ ќе има голем удел во формирањето на јавното мнение во земјава. Од друга страна, не верувам дека со доаѓањето на ’Ал Џaзира’ кај нас ќе се зајакне влијанието на источните радикални исламски фактори. Тоа сигурно не е мотив на Мрежата.“
Вложувања од 11 милиони евра?
Директорот на сараевскиот „Медиа центар“ потсетува дека секој сака да ги користи медиумите во свои цели, но верува дека во случајот со „Ал Џaзира“ ќе преовладува интересот за она што се нарекува „примарна информација“:
„Знам дека ’Ал Џaзира’ честопати прва ги емитува пораките на „Ал Каеда“, но немам информации кои би укажале на можноста дека телевизијата е поврзана со какви било екстремни исламистички групи“, вели Контиќ.
„Ал Џaзира“ ќе биде втор странски медиум на просторите на Босна и Херцеговина, вели Борка Рудиќ и потсети на доаѓањето на телевизија „Пинк“, кое своевремено беше проследено со различни коментари за влијанието на политиката на Слободан Милошевиќ врз тој медиум, што сепак не се случи.
Според најавите, катарската тв-куќа, до крајот на годинава би требало да вложи околу 11 милиони евра во новиот балкански тв-канал, а потрагата по квалитетен кадар веќе започнала.
Автор: Самир Хусеиновиќ / Далибор Стајиќ
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска