Земјотрес во Италија
6 април 2009Земјотрес со јачина од 6,3 степени според Рихтеровата скала ноќеска го погоди регионот Абруцо во централна Италија. Агенциите јавуваат дека во градот Аквила, во чија близина беше епицентарот и кој е особено тешко погоден од потресот, има повеќе жртви. Само четири деца се извадени од урнатините на една куќа. Во овој град, кој има околу 60 000 жители, се урнати неколку историски згради, а делумно е урнат и студентски дом и црква. За настрадани се јавува и од околните села и градови. Полицијата потврди дека има петмина загинати во гратчето Кастелнуово. Спасувачките екипи трагаат по преживеани во урнатините од повеќе објекти. Гвид Бертоласо од службата за јавна безбедност за италијанската агенција АНСА изјави дека се очекува бројот на жртвите да расте.
Засега околу триесет луѓе се водат како исчезнати. Меѓу загинатите има и четворица македонски државјани. Агенциите јавуваат дека поради направените штети, илјадници луѓе се приморани да ги напуштат домовите. Инаку, ова бил последен и најсилен од серијата потреси регистрирани во овој регион. Со оглед на тоа што епицентарот бил на само 85 километри од главниот град, тој е почуствуван и во Рим.
НГ/дпа/ап/ројтерс/макфакс
Редактор: Жана Ацеска