Желев: „Бугарија денес е целосно поинаква земја“
15 декември 200910 ноември 1989 година не требаше да биде некој посебен ден за бугарскиот дисидент Жељу Желев. На овој ден тој сакаше само да си ја подигне платата, дури можеше, зашто на философот му се закануваше забрана за извршување на професијата. Но попат тој ја чу веста која го промени животот во Бугарија: „Таму го сретнав Никола Рачев. Тој тогаш беше професор за новинарство. Тој ми пријде, погледна околу себе за да се увери дека нема никој во близина и рече: ’Тодор Живков е разрешен од сите функции’. Ма ајде, реков, не зборувај глупости“, раскажува Желев.
Тој денес тврди дека само во Полска и во Бугарија имало организирана антикомунистичка опозиција. Пред 20 години меѓутоа тој едноставно не можел да верува дека му е дојден крајот на режимот. Вечерта на 10 ноември, тој заедно со другите соборци бил во кафетеријата „Јајце“, каде главно се среќавале млади доценти за историја и философија. „Кога на радио официјално беше објавено дека во пленумот на Централниот Комитет на Бугарската Комунистичка Партија била донесена одлуката Тодор Живков да биде разрешен од сите функции, сите започнаа да слават, да се прегрнуваат дури и најголемите скржавци нарачуваа по три- четири шишиња, сите маси беа полни и беше како занес.“
Демократски „никулци“ во 1988 година
Тогаш Живков беше најстариот комунистички владетел во источниот блок. Меѓутоа под притисок на Москва и на Михаил Горбачов, тој мораше да замине. Жељу Желев меѓутоа гледа и уште една причина за тоа: „Тоа беше еден политички внатрепартиски пуч, кој беше спроведен од членовите на ЦК со радикални размислувања. За мене меѓутоа е поважно прашањето за причините за разрешувањето на Живков. Мислам дека главната причина беше политичката опозиција која во меѓувреме беше создадена во Бугарија.“
Уште на почетокот на 1988 година настанаа првите опозициски движења во Бугарија: „Независното здружение за заштита на човековите права“ и „Комитетот за заштита на Русе“, кое на почетокот пред се’ се залагаше за заштита на животната средина. До крајот на 1989 година беа основани уште десет други организации. Нивните цели се протегаа од заштита на животната средина и на човековите права па се’ до партиско политичко учество во власта. „ И кога сега 20 години подоцна ги разгледуваме работите до детали и се обидуваме да ги средиме, сфаќаме како луѓето дејствувале тогаш, како се ангажирале и на каков ризик се изложувале. Конечно тогаш имаше повеќе случаи за отпуштања од работа поради членството во такви официјално непризнати организации.“
Денешна Бугарија нема ништо заедничко со комунистичка Бугарија
На 18 ноември 1989 на плоштадот Александар Невски во Софија се собраа 150 илјади луѓе. Тоа беа првите масовни демонстрации против режимот, кои меѓутоа се случија дури по повлекувањето на Живков. Пресвртот во бугарското општество напредуваше бавно. На првите слободни избори во наредната година победија поранешните комунисти. Лидерот на опозицијата Жељу Желев сепак беше избран за претседател на државата: „Верувам дека напорот се исплатеше. Денес Бугарија е целосно поинаква земја. Таа се промени во толкава мера, така што повеќе нема ништо заедничко со старата комунистичка Бугарија.“
Желев има добра причина да го вели ова. Земјата која пред 20 години се вбројуваше меѓу најверните поданици на Москва, денес е членка на НАТО и на ЕУ и се обидува конечно да ги заврши реформите започнати во 1989 година.
Автор: Јорданка Јорданова/ Симе Недевски
Редактор: Александра Трајковска