ЕУ: силни критики за Бугарија, поумерени за Романија
23 март 2010Европската комисија смета дека Бугарија и натаму прави премалку во борбата против корупцијата и организираниот криминал. Во денеска (23.03.2010) објавениот извештај на Комисијата се вели дека на Бугарија и’ е потребен „далекусежен реформски процес“ во областа на правосудството и во борбата против корупцијата, за да ги оправда своите обврски како членка на ЕУ.
„Извештајот констатира дека Бугарија поведе редица важни иницијативи, кои покажуваат волја за реформи и го демонстрираат сознанието за неопходноста на тие реформи“, рече Марк Греј, известувачот за Бугарија.
Комисијата истовремено забележува: „Колкава е вистинската вредност на тие планови ќе се покаже дури откако ќе бидат тестирани во практиката“. Правосудството постигна „скромни резултати“ во гонењето и донесувањето пресуди за корупција на високи позиции. Комисијата истовремено нагласува дека тешките обвинувања за корупција при заземањето на важни функции му нанеле штета на угледот на правосудството во втората половина на минатата година. Нужно е „сеопфатно расветлување“, смета Комисијата. Бугарија најави најостро постапување против корупцијата, но од средината на 2009 година нема пресуда во ниту еден важен случај. Продолжува и одолговлекувањето на судските постапки.
„Оценка за реформите, а не за владата“
На новинарско прашање, дали Европската комисија е разочарана од борбата на новата влада против организираниот криминал, Марк Греј одговори воздржано:
„Ние не даваме оцена за сегашната влада, премиерот или за одделни министри во Бугарија. Целта на овој извештај е да го оцени напредокот на Бугарија во реформите“.
Во извештајот се формулирани шест показатели врз кои во иднина ќе се оценува напредокот на Бугарија: промени на уставот во однос на независноста на судскиот систем, нов закон за судската власт, нов граѓанско-процесен кодекс, продолжување на реформата на судската власт, непристрасни и професионални истраги за корупција на високо, но и на локално ниво, како и стратегија во борбата против организираниот криминал.
Успесите на реформите во Романија се ограничени
Комисијата утврди дека Романија направила нешто подобар напредок од средината на минатата година наваму, но критикува оти сепак не можела „да го одржи“ темпото на реформите што било достигнато до средината на 2009 година. Успесите на реформата на правосудството се „ограничени“, недостигаат „конкретни резултати“ од неа. Антикорупциските власти во Романија вршат добра и се’ подобра работа. Државното обвинителство вистински ја засили активноста. Но, мора да дојде до „поблиска и поконструктивна соработка“ меѓу политиката и правосудството, смета Комисијата на Европската унија.
Автор: ЗЈ/ БГ/ дпа/дв/миа
Редактор: Жана Ацеска