Охрид денеска е културен и политички центар на Балканот. Во градот престојуваат претседателите на Македонија, Албанија и на Косово, кои денеска од првиот ред во Античкиот театар ќе ги слушаат композициите на Мориконе.
Музиката од филмовите „Добриот, лошиот и грдиот“, „Беше еднаш на Дивиот Запад“,„Беше еднаш во Америка“, „Недопирливите“, „Мадалена“ и од уште петнаесетина филмови, компонирана од Енио Мориконе ќе прозвучи вечерва на Античкиот театар во Охрид, на отворањето на годинашното „Охридско лето“.
Славниот италијански композитор и оскаровец како диригент ќе го води унгарскиот филхармониски оркестар „Гјор“, на концертот на кој ќе настапи и Хорот на Македонската опера и балет и сопранот Сузана Ригачи.
Славниот италијански композитор и освојувач на оскар, Енио МориконеФотографија: AP
Фестивалот за отворен ќе го прогласи неговиот покровител - претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов. Негови гости на отворањето на фестивалот се претседателите на Албанија и на Косово, Бамир Топи и Фатмир Сејдиу. Во текот на денот тие одржаа неформални средби.
Покрај Мориконе, во четириесетте фестивалски вечери ќе гостуваат музичари од 17 земји, од кои најголем дел првпат доаѓаат во Македонија.