Емигрирањето е се помалку тема меѓу младите во Бугарија
12 јули 2007
Од остарените станбени блокови во Студентскиот град, кварт во Софија, во кој живеат преку 30 илјади студенти, паѓа малтерот од фасадите, улиците се полни дупки. Сепак, на слободниот простор, на зелените површини полни ѓубре, парадираат модерно облечени млади со големи очила за сонце. Весела и Иво седат во едно кафуле и сркаат од нивното нес-кафе. Обајцата се студенти на техничкиот универзитет и се убедени дека мина времето кога најголемиот број млади Бугари својата иднина ја гледаа во странство. Весела вели:
„Мислам дека најмногу од оние што размислуваат за странство тоа сакаат да го направат само за да се дообразуваат, а потоа да се вратат. Никако не би сакале да емигрираат„.
Иво се согласува. И тој не планира да замине. Смета дека веќе нема потреба образуван човек да страхува од невработеност:
„Овде инвестираат се повеќе странски фирми што обезбедува нови можности за работа. Платите додуша се мали, но и трошоците за живот се такви, што е голема предност, и затоа се повеќе луѓе решаваат да останат„. Весела го дели истото мислење:
„Да, и јас верувам дека членството во Европската унија на многумина им даде надеж дека сега ќе тргне напред и дека наскоро можеби нема да има разлика дали се живее во Шпанија или овде„.
Ваквиот оптимизам меѓу младите е новост. Во последните години, таканаречениот брејн-дрејн, односно иселувањето на добро образуваните луѓе, беше доминантна тема во Бугарија. Преку 700 илјади луѓе ја напуштија земјата во последните 10 години. Се чини, овој тренд запира. Кољо Колев, шеф на институтот за истражување на јавното мислење „Медијана„, укажува на резултатите од последните анкети:
„Овде директно можете да се уверите што се промени во последните седум години. Ние прашаваме: дали сериозно размислувате да емигрирате? Погледнете: само во споредба со последната година бројот на тие луѓе од 30, падна на 12 проценти. Тоа значи дека најголемиот број млади својата иднина ја гледаат во Бугарија. Ова се апсолутно најнови бројки„.
Како причина Колев го спомнува позитивниот економски развој во земјата:
„Невработеноста постојано се намалува, посебно во Софија. Сега изнесува само околу 4 ипол проценти. Тоа значи дека младите имаат многу добра перспектива да најдат работа во Бугарија, работа која е и добро платена. Веќе сега имаме недостиг на работна сила во одделни подрачја, посебно таму каде што се бара образуван кадар, па затоа таму и платите секоја година растат„.
Красимир Тодоров е студент по Европски студии. Живее заедно со уште двајца колеги на петтиот кат, блок 54. Реликт на социјализмот: на влезот на секој блок, зад мало прозорче, седи портирка. Се влегува само со чип-карта, посети преку ноќ се забранети.
На 12 квадратни метри има три кревети и маса за пишување, еден регал и долап. Со неговиот фах веројатно ќе мора да бара работа во Брисел, смета Красимир. Меѓутоа, таа помисла не му се допаѓа многу:
„Претпочитам да останам во Бугарија. Единствената причина да се замине се парите, но ситуацијата овде во последниве години значително се подобри. Секако, има големи разлики. Во внатрешноста малку нешта се променија и таму има голема невработеност. Меѓутоа, Бугарија се развива и тоа со големи чекори, како земја во Западна Европа„.
Од надвор во собата влегува врева. Се ближи ноќта, време за забава во Студентскиот град. Иво и Весела се подготвуваат зашто имаат закажно средба. Нивен пријател се наоѓа во Софија. По повеќе години во САД, решил да се врати во Бугарија. Иво вели:
„Многумина кои во минатото заминаа во странство, повторно се враќаат. Луѓе што таму направиле кариери и зработиле многу пари. Доаѓаат назад зашто едноставно им недостига Бугарија„.