Едмонд Темелко по вторпат градоначалник на Пустец
11 мај 2011Триесет и деветгодишниот дипломиран ветеринар, Едмонд Темелко и во наредните четири години ќе биде прв човек на албанската општина Пустец, област Мала Преспа, лоцирана на границата со Македонија, во близина на Ресен. Неговите Малопреспанци на неделните локални избори му искажаа максимална подршка, За него гласале две илјади гласачи наспроти седумстотини за неговиот противкандидат.
„Голема победа и затоа ја нарековме овој пат историска победа на Македонците во Албанија. Овие наредни четири години што се пред мене ќе ги вложам уште повеќе за доброто на сите Македонци во општина Пустец и на сите Македонци во Албанија“, изјави Темелко по соопштувањето на победата.
Нашата партија, вели Темелко, од ден на ден станува се посилна. Ќе учествуваме на сите избори зашто само така ќе можеме да се избориме целосно да се интегрираме во структурите на државата во која живееме.
„Процесот на интегрирање на Македонците во институциите во Албанија продолжува преку политичко делување на Македонската алијаса за европска интеграција. Од ден на ден, од избори на избори, МАЕИ напредува и е се’ посилна“, нагласува Темелко.
Се очекува победа и на Османи
Освен градоначалничкото место во Пустец, партијата од до сега преброените гласачки ливчиња има обезбедено и осум советнички места.
„Двајца советници во општина Билишта, еден во општина Бир, во Корчанскиот регион, пет советници во Мала Преспа“, потврди Васил Стерјовски, член на потесното раководство на партијата.
И двајцата се убедени дека ќе освојат советнички места во Елбасан, во неколку општини во Гора и во Голо Брдо, како и градоначалничкото место во општина Требиште. Таму кандидат е Едмонд Османи, потпретседател на македонската партија, кој поради објективни причини не настапува под симболот на матичната партија. Гласачките ливчиња за оваа општина ќе се пребројуваат денеска.
Автор: Вера Тодоровска
Редактор: Борис Георгиевски