Еврогрупата без договор
11 јули 2015Министрите за финансии од Еврогрупата на денешната средба во Брисел водеа тешки разговори околу условите за евентуален трет пакет со финансиска помош за Грција, која е непосредно загрозена од банкрот. Согласност, очигледно, не можела да биде постигната, оти Германија и редица други земји не биле убедени од досегашните реформски и предлози за штедење, што ги поднесе Грција. Многу делегации барале брзо усвојување на закони за спроведување на реформите - уште во текот на наредната недела, за на тој начин Грција да ја врати довербата кај скептичните партнери. Ова го јавува агенцијата ДПА повикувајќи се на извештаи од дипломати по седумчасовните преговори на министрите.
Состанокот прво беше прекинат, а во продолжението министрите работат врз изјава со која од Грција ќе се бараат дополнителни реформи. Таа изјава ќе биде упатена до шефовите на држави или на влади, кои утре ќе се соберат на самит во Брисел - прво на еврозоната, а потоа и на целата ЕУ.
На денешните преговори на учесниците им бил понуден и документ подготвен од германскиот министер Волфганг Шојбле, усогласен и со канцеларот Ангела Меркел, како и со Зигмар Габриел, шеф на коалициониот партнер СПД. Со тој документ се предвидува привремено напуштање на еврозоната од страна на Грција, најмалку за пет години, како алтернатива ако сегашните напори не донесат резултат. Според кажувања на дипломати, на денешната средба Шојбле сепак не ја ставил на дискусија оваа опција.