Државниците кои го сменија светот се во Берлин
31 октомври 2009„Пред 20 години народите ја создаваа историјата зашто ги најдоа вистинските водачи. Денес ги чествуваме овие тројца луѓе најдобро колку што можеме, а утре повторно ќе се вратиме да ја градиме куќата на Европа и развојната политика која ќе биде од полза на целата планета“, порача германскиот претседател Хорст Келер на денешната (31.10.2009) прослава по повод паѓањето на Берлинскиот ѕид и обединувањето, на која беа чествувани тројцата државници кои го отворија патот за крај на студената воијна: Џорџ Буш постариот, Михаел Горбачов и Хелмут Кол.
Нови предизвици и задачи
Пред 1.800 гости од политиката и културата на Германија и на Европа, почесниот говор го одржа претседателот Келер кој заблагодарувајќи им се, потсети на улогата која ја одиграа тројцата државници:
„Мирната револуција од 1989 година и државничката умешност на овие тројца луѓе, за милиони луѓе отворија врати и порти, ја сменија картата на Европа и на светот му дадоа сосема нови задачи и шанси. Многумина имаа визии за еден подобар свет со слободи и мир. Многу граници се отворија. Европската унија и НАТО добија нови членки", кажа во обраќањето претседателот Келер, забележувајки дека останува и натаму да се работи со нова динамика на проширувањето на ЕУ и дека вистинското ќе биде кога и Русија ќе биде дел од од оваа заедничка безбедносна и надворешна политика.Тој се осврна и на важната улога на Обединетите нации, а не ги заобиколи ниту заштитата на климата и праведноста и благосостојбата во светот.
Политика која се исплатеше
„Горд и почестен сум што сум овде, со моите колеги Горбачов и Кол...И многу ме допре филмот за историскиот ден, кој штотуку беше прикажан”, изјави и поранешниот американски претседател Џорџ Буш сениор, искажувајки ја радоста што повторно е со своите поранешни колеги со кои ги доживеа историските мигови од 1989-тата.
Горбачов кажа дека на овој ден во Русија се отворија 20-те германски гробишта на кои биле присутни и Германци и Руси. До историскиот ноември во 1989 тата, според него, имало многу тешки денови, зашто болките од војната биле големи.
„Случувањата од минатото треба да останат лекција. На Германија и‘ требаа многу напори да ја научи оваа лекција. Мораше да има политичари како Брант, Шмит, многу разговори, средби... Многу осознавме и од ГДР, која беше наш прозорец кон Западот. Но, времето си го направи своето. Денес, Германките се мажат за Руси и обратно. Нашата политика, мислам на нас тројцата, се исплатеше.“
Емоционални минути на Кол
Најголеми емоции на пладневната манифестација во Берлин секако предизвика обраќањето на ’Канцеларот на обединувањето’ Хелмут Кол.Тој поради болеста тешко говореше, но се потсети на деновите од пред две децении. Кажа дека секогаш кога бил нерасположен му се јавувал на Буш, по што добивал сила и нова енергија. Во релациите со Горбачов работите се одвивале побавно, но довербата со времето се стекнувала. Кол подвлече дека нема ништо подобро на што може да биде горд, освен германското обединување!
Автор: Силвера Падори-Кленке
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска