Долгата листа пропусти на белгиската полиција
26 март 2016Грчката полиција уште во јануари 2015 година во два стана во Атина, открила планови кои наведуваат на терористички напад врз аеродромот во Брисел. Уште тогаш биле информирани белгиските безбедносни служби, пренесува атинската телевизија Скај, повикувајќи се на грчки полициски извори. Меѓу другото била најдена скица на аеродромот во Брисел. Полицијата официјално не ги коментира наводите. Документите биле најдени во станови изнајмени од двајца исламисти. По нападите во ноември во Париз станало јасно дека едниот од двајцата е Абделхамид Абауд, тврди телевизијата. Абауд се смета за главниот мозок на атентатите во Париз. Тој беше убиен во антитерористичка рација во париското предградие Сен-Дени, неколку дена по париските атентати. На своето патување низ Европа, Абауд изнајмил стан и во Атина. Француската полиција по неговата смрт испратила ДНК проба на 27-годишниот терорист до грчката полиција.
Белгиски полицаец одолговлекол информации од Турција
Белгиската полиција очигледно не придала доволно внимание ни на важните укажувања стигнати од Турција. Така, еден белгиски полицаец, офицер за врски во турскиот град Истанбул, според наводи на белгиската влада во Брисел, го одолговлекол информацискиот проток меѓу двете земји во врска со атентаторот Ибрахим Ел Бакрауи, кој во вторникот се разнесе во воздух на бриселскиот аеродром заедно со неговиот соучесник Најим Лашрауи. Службеникот дејствувал „најмалку небрежно, неактивно и неангажирано“ по укажувањата поврзани со Ел Бакрауи добиени од турските власти, изјави белгискиот министер за внатрешни работи Жан Жамбон пред белгиските пратеници во Парламентот. Офицерот за врски извршил „неприфатлива грешка“, против него е поведена дисциплинска постапка. Според министерот, Ел Бакрауи бил уапсен на 11 јуни 2015 година кај турската граница со Сирија поради сомнение за тероризам, за што белгискиот офицер за врски во Истанбул бил информиран на 26 јуни, а полицаецот информацијата ја проследил дури по три дена во Брисел. Тамошната антитерористичка служба побарала дополнителни информации за Ел Бакрауи, кој во Белгија бил осудуван за повеќе деликти. Но, до 20 јули ништо не се случило. „Офицерот за врски ништо не презел, комуникацијата од негова страна прекинала“, истакна Жамбон. Белгискиот министер за правда Коен Гес, кој исто така зборуваше пред пратениците, призна дека владата во летото била информирана дури по враќањето на Ел Бакрауи по неговото протерување од Турција.
Игнорирани предупредувањата од Турција
Турската влада претходно и‘ префрли на Белгија игнорирање на укажувањата поврзани со Ел Бакрауи. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во петокот ја потврди критиката, укажувајќи на издаденото предупредување дека станува збор за „странски терористички борец“.
Но, белгиската полиција тоа не го потврдила и по враќањето го оставила човекот на слобода.
Аферата со Ел Бакрауи ја потресе белгиската влада. Министрите за внатрешни работи и за правда понудиле оставки поради пропустите, но премиерот Шарл Мишел ги одбил.
Белгиските браќа на терористичката листа на САД
Познато е во меѓувреме и оти Ибрахим Ел Бакрауи пред нападите во Париз на 13 ноември бил ставен на терористичката листа на САД. Кратко потоа на неа било додадено и иемот на неговиот неговиот помлад брат Калид, кој се разнесе во воздух во бриселското метро, известува СиЕнЕн, повикувајќи се на безбедносни извори.