ДНК-тестови за „здрава“ Србија
21 август 2014Економската и социјална политика на Српската напредна партија ќе овозможи „здраво семејство и напредни деца“, наведува оваа партија во политичката програма од 2011 година, која е и понатаму достапна на интернет-страницата на партијата. Во поглавјето „Социјална политика и социјална правда“ тие предлагаат основање на Национален генетички центар и низа мерки со кои би се „намалило раѓањето деца со одредени наследни пореметувања, што на општеството би му ги намалило финансиските трошоци“.
„Да, тоа е еугеника, што друго би било“, вели професорот Штефан Кил од Универзитетот Билефелд, автор на книга за феноменот на еугениката. Читајќи редови од програмата, германската историчарка Кристијане Ротмалер додава: „Да не знаев дека цитирате програма од денешна Србија, би верувала дека прашувате за дебатите од 20-те, 30-те, 40-те години од минатиот век во германскиот Рајх. Српската аргументација која ми ја наведувате за оваа политика е застрашувачка“.
Еугениката и нацистите
Еугениката е теорија која заговара вештачка селекција на живи суштества за да се подобрат физичките и психичките особини на луѓето, преку абортуси и контрола на раѓањето. Втемелувач на оваа теорија е Франсис Галтон, англиски научник и роднина на Чарлс Дарвин, кој заговарал спречување на размножувањето на духовно и телесно хендикепираните.
Најекстремниот облик еугениката го имала за време на владеењето на Хитлер во Германија. Нацистичката пропаганда пресметала дека негувателка за тригодишно дете кое е „глуво, парализирано или идиот“ ја чини државата осум марки дневно. Врз основа на „Законот за наследните болести“, кој нацистите го донеле во 1933 година, 400 илјади луѓе биле присилно стерилизирани за да се спречи наследувањето на одредени болести. Подоцна почнува и убивање на луѓе со хендикеп. Меѓу нив биле луѓе кои боледувале од епилепсија, шизофренија, наследно слепило и глувост, како и „луѓе со тешки физички деформации“, алкохоличари и асоцијални членови на општеството.
Во програмата на „напредњаците“ се препознаат слични целни групи, односно „лица со предиспозиции за денес вообичаените пореметувања, како кардиоваскуларни болести, гојазност, алкохолизам, психички пореметувања“. Партијата предвидува формирање на генетска база на податоци, која би содржела информации за генетскиот потенцијал во однос на предиспозициите за напредок, но и за одредени пореметувања, како и воведување компјутерски програми за исцртување и анализа на родословието. Ги прашавме сите државни институции што се занимаваат со оваа проблематика што точно ќе значи спроведувањето на оваа пренатална дијагностика, но под различни изговори, сите одбија да одговорат.
Политички програми како список на желби
Политичките аналитичари во Србија се согласуваат дека во оценката дека за споменатиот дел во програмата на СНС веројатно никој сериозно не размислувал кога го пишувал, и дека политичките програми во Србија всушност се списоци на убави желби - доколку се воопшто и убави. Политологот Бобан Стојановиќ од организацијата „Група за анализа и креирање на јавни политики“ за ДВ вели дека во Србија политичките програми се главно неспроведливи и дека програмата на СНС била создадена во специфичен политички момент. Тие беа соочени со силна критика дека немаат програма, па таа беше објавена дури три години по основањето на партијата, па оттука можно е делови од програмата да се пишувани без посериозна рецензија и читање од страна на оние кои одлучувале за усвојувањето“, вели Стојановиќ.
За разлика од досегашните коалициски влади во кои со правото на вето на останатите партнери беше условувано кој дел од партиската програма ќе стане владина политика, сега, со апсолутното мнозинство на СНС во парламентот, оваа програма би можела во целост да биде спроведена во дело. Дали СНС ќе го искористи мандатот за тоа да го стори? На тоа прашање никој од СНС не беше подготвен да одговори.