Два акцента на Дојче Веле на ИФА Саемот во Берлин
2 септември 2006Едниот се однесува на „дигитал радио мондиале„ емитување радио програми со дигитален квалитет на кратки бранови, а вториот е т.н. подкаст, можноста омилените радио емисии да се слушаат и одложно со МП3 плејери.
Проектот „дигитал радио мондиале„ или скратено ДРМ се подготвува веќе десет години. Тој би требало да обезбеди максимален УКВ квалитет на приемот на радио програмите и на кратки бранови. Што се однесува до емитувањето емисии во соодветен квалитет, ДВ има авангардна улога на ова поле:
„Горд сум што можам да кажам дека Дојче Веле се наоѓа на прво место во целиот свет по прашањето на тест програми на ДРМ што се емитуваат кај нас редовно уште од 2003-та година. Ние ја покриваме Европа со таква програма 24 часа на ден, седум дена во неделата. Тоа го има само ДВ, другите радио станици имаат максимално по 16 или 18 часови на ден.„ – вели Петер Зенгер, поранешен раководител на техниката на ДВ и член на Конзорциумот за ДРМ.
Тој посочува дека на годинешниот ИФА Саем во Берлин се појавија и првите радио приемници за оваа технологија, со релативно пристапни цени од 115 до 300 евра.
Што се однесува до вториот технолошки акцент на ДВ, подкаст програмите, Бјерн Розентал, појаснува дека нашата куќа и на ова поле има водечка улога. Како прва јавна радио станица ДВ почна да нуди подкаст програми уште во 2004-та година, а од лани дневно има по 40 емисии на пет јазика, што можат да се користат на ваков начин. Тоа значи корисниците преку интернет можат бесплатно да ги симнат омилените емисии, да ги снимат на МП3 плејер и да ги слушаат во највисок квалитет одејќи на работа, на службено патување во воз или во авион или пак во слободно време, надвор во природа – во времето кога тоа најмногу им одговара.
„Голема предност е што човек може да решава сам за времето кога ќе ги слуша содржините што го интересираат, а не да мора да се придржува до планот на емитување„ – објаснува проект менаџерот, Бјерн Розентал од ДВ.