Грчките новинари во предизборна битка
22 јануари 2015На листите кандидати за парламентарните избори се бројни познати имиња од грчкото новинарство: Јанис Михелакис, некогашен шеф на популарната телевизија „Антена“ е ангажиран во конзервативната владина партија Нова демократија и своевремено достигна до министер за внатрешни работи. Никос Ксидакис, веројатно најдобриот грчки фељтонист, се кандидира за левичарската партија Сириза. Пантелис Капсис, поранешен шеф на најтиражниот атински весник „Та неа“, ги застапува боите на социјалдемократскиот Пасок. Познатиот модератор Теренс Квик е на страната на десните популисти, додека ангажираниот воен репортер Јанис Канелакис својата политичка татковина ја најде во социјалистичката партија на екс-премиерот Јоргос Папандреу.
Дали тие се занимаваат со политика од убедување и страст или таа им служи како отскочна штица во кариерата? Недвојбено-првото, истакнува Мариа Антониаду, лидер на најголемиот новинарски синдикат ЕСИА, во разговор за Дојче веле.
„Новинарите во Грција традиционално покажуваат висока мерка на политички ангажман, тоа е вградено во нашиот менталитет“, вели Антониаду. Владее презир кон рамнодушноста во однос на општествениот ангажман. Тоа може да се спореди со ставот на новинарите во Франција: и таму претставниците на медиумите се сметаат за полемични и лути креатори на јавното мислење, кои треба да заземат став, а не да бидат неми посматрачи во заднина. Таа самата е добар пример: Мариа Антониаду направи кариера како воен репортер, пред во 2013 година да биде избрана како прва жена на чело на новинарскиот синдикат.
Оваа култура на сопствено учество постои и во самиот новинарски синдикат, кој слави стогодишно постоење и зенити на политички ангжман.
„Да наведам само еден пример: денес се потсетуваме на храброста која ја поседувал нашиот тогашен синдикален претседател кога во Втората светска војна јавно и заеднички со православниот владика Дамахинос протестирал против прогонувањето на Евреите“, вели Антониаду.
Политиката ги поддржува медиумските фирми
Дали општествениот ангажман е единствената причина за новинарите да преминуваат во политиката? Јоргос Пилос, професор за комуникологија на универзитетот во Атина застапува поинакво гледиште: политичките расправи во Грција се водат речиси исклучиво преку медиумите и тоа е токму една од најважните причини што новинарите често ја менуваат страната, вели тој во разговор за Дојче веле. Од тоа двете страни имаат корист: „Кога врвните новинари ќе преминат во политика и се кандидираат за парламентот, тие самите профитираат од својата надрегионална познатост. А политичарите кои ги ангажирале, исто така профитираат, зашто нивната партија добива повеќе гласови.“
Поврзаноста меѓу медиумите и политиката во Грција е голема. Конечно, бројни медиуми преживуваат благодарение на државните реклами или поволните кредити, чиј краен гарант всушност е и политиката. Се разбира, ваквата поврзаност не постои само во Грција, туку во цела јужна Европа, се жали Пилос, кој ја истражува новинарската професионална етика. Тој предлага за новинарите кои сакаат да ја напуштат професијата да постои одредена временска пауза, во тој преоден период тие да не смеат да вршат никаква политичка активност. Но, медиумскиот експерт дополнува: „Стравувам дека овој предлог не е реален, ние сме уште многу далеку од такво нешто.“
Врата во еден правец?
Една позната изрека меѓу медиумските професионалци во Грција гласи: „Новинарството може насекаде да те одведе, под услов ако го напуштиш правовремено.“ Секако, оваа животна филозофија важи само за претставниците на печатот кои својата професија ја гледаат како отскочна штица во личната карира. Но, што ги води овие луѓе?
„Не би одел толку далеку да тврдам оти новинарите работат по налог на политичка партија,“ потенцира Пилос. Вообичаено, политичките партии во потрагата по познати лица често стигнуваат до новинарите. Но, целата работа смрди на корупција кога еден новинар со години известува само за една одредена партија, ја стекнува довербата на слушателите или гледачите и на парламентарните избори се кандидира токму за таа партија.
Но, „промената на дресот“ може целосно и да се одмазди, предупредува професорот.
„Оној кој еднаш ќе застане под еден покрив со политиката, и’ наштетува на својата веродостојност. Многумина екс-новинари по заминувањето во политика повторно се обидуваат да се вратат во новинарството. Тоа никогаш не успеало.“